Цената на гасот во Европа утрово порасна за 35 отсто, надминувајќи го нивото од 1.400 долари за 1.000 кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза ICE, додека цената на нафтата скокна за 4 отсто.
Гасот за испорака во март беше договорен во холандскиот центар ТТF по цена од 1.414,5 долари за илјада кубни метри, што е 120 евра за мегават час.
Во исто време, медиумите јавуваат дека протокот на природен гас преку гасоводот Јамал-Европа кон Полска денеска е преполовен, а се уште не се знае дали намалувањето на протокот е поврзано со развојот на ситуацијата во Украина.
Европската сурова нафта „брент“ порасна за 4,69 отсто на 101,93 долари за барел, достигнувајќи 100 долари за прв пат од 2014 година, а американската сурова нафта WTI порасна за 4,73 отсто на 96,46 долари за барел, пренесе CNBC.
Спот цената на златото, кое традиционално се смета за безбедно засолниште, порасна за 1,82 отсто на 1.942,26 долари за унца, покажуваат најновите достапни податоци.