Кои производи ќе поскапат поради војната во Украина?

од Vladimir Zorba
522 прегледи

ПОРАДИ руската инвазија на Украина, цените на некои производи може да се зголемат.

Експертите сметаат дека овој конфликт не треба да доведе до глобална рецесија, туку дека нестабилноста на пазарот и заканата од санкции може да доведат до повисоки цени на горивата и земјоделските производи.

Веќе денеска, по нападот, цената на нафтата скокна на 105 долари на меѓународниот пазар поради можните санкции против Русија.

Си-Ен-Ен ги наведува поскапувањата што би можеле да се случат ширум светот

Гориво

Глобалните цени на нафтата денеска скокнаа над 105 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од 2014 година.

„Ако санкциите ги опфатат платежните трансакции, руските банки, а можеби и осигурувањето на испораките на руска нафта и гас, не може да се исклучат прекини во снабдувањето“, рече аналитичарот на „Комерцбанк“, Карстен Фрич.

Најмалку тројца големи купувачи на руска нафта денеска не успеаја да добијат гаранции од западните банки за купување.

„Русија е трет по големина производител и втор по големина извозник на нафта во светот. Со оглед на ниските залихи и намалениот неискористен капацитет, пазарот на нафта не може да си дозволи големи нарушувања во снабдувањето“, рече Џовани Стауново од UBS.

Расте и цената на природниот гас што се користи за греење во домаќинствата и во електроиндустријата. Референтната цена во Европа денеска порасна за 29 отсто на 114,65 евра за мегават-час. Повисоките трошоци за енергија ќе значат и повисоки трошоци за компаниите.

Авионското гориво што го користат авиокомпаниите, исто така, веројатно ќе поскапи, што може да резултира со повисоки цени на авионски билети. Ќе бидат погодени и индустриите кои трошат многу енергија, како што се производителите на челик.

Храна

Глобалните цени на храната веќе беа блиску до највисокото ниво во последните 10 години. Сега руската инвазија може да ја влоши ситуацијата. Русија е најголемиот извозник на пченица во светот, додека Украина е значаен извозник на пченица и пченка. И двете земји извезуваат растително масло.

Цените на пченицата веќе скокнаа на највисоко ниво од 2012 година. Поскапеа и пченката и сојата.

„Без разлика каде точно се извезуваат намирниците, јасно е дека ако има општ недостиг во светот, тогаш цената ќе се зголеми“, рече Бен Меј, директор за глобално макро истражување во Oxford Economics.

Украина сепак требаше да извезе 15 милиони метрички тони пченка и помеѓу 5 и 6 милиони метрички тони пченица оваа сезона. Сега клиентите како Кина се свртуваат кон Европа и САД за да го пополнат можниот недостиг на овие производи.

Хелима Крофт, шеф на глобалната стратегија за стоки во инвестициската банка RBC Capital Markets, рече дека ризикот од инфлација на цените на храната „се чини акутен“ бидејќи Русија и Украина заедно држат 25% од светскиот извоз на пченица, додека Украина сама учествува со 13% од извозот на пченка.

Има уште еден потенцијален удар за земјоделците – Русија е најголемиот производител на амониум нитрат, клучна компонента во вештачките ѓубрива. Американскиот секретар за земјоделство Том Вилсак денеска изјави дека европските потрошувачи би можеле да бидат повеќе изложени на зголемените цени на храната отколку Американците.

Метали

Цената на металите што се користат во широк спектар на производи за широка потрошувачка расте бидејќи инвеститорите ги анализираат последиците од инвазијата и размислуваат дали санкциите наметнати на Русија би можеле да влијаат на снабдувањето.

„Русија е главен производител на метали, вклучувајќи алуминиум и никел, а исто така е значаен производител на бакар. Построгите санкции кон Русија би можеле дополнително да ги намалат залихите на овие метали на светските пазари“, велат аналитичарите на S&P Global Platts.

Цените на алуминиумот во Лондон денеска скокнаа на рекордно високо ниво. Руската „Русал“, која претходно беше санкционирана од САД, е еден од најголемите светски производители на алуминиум. Доколку се воведат нови санкции, тоа може да предизвика вртоглав скок на цените.

Цените веќе се во пораст бидејќи фабриките во Европа мораа да го намалат производството поради зголемените трошоци за електрична енергија. Металите како алуминиумот се користат во илјадници производи ширум светот, од конзерви за храна и пијалоци до возила и електроника.

Цената на златото расте

По нападот се зголемија и цените на златото и паладиумот на меѓународните пазари. Цената на унца злато утринава порасна за 1,8 отсто. Порасна за околу осум отсто од почетокот на месецот бидејќи руско-украинската криза го намалува апетитот на инвеститорите за ризични средства. Скапоцениот метал би можел да го заврши овој месец во најголемиот плус од јули 2020 година.

Русија е трет по големина производител на злато во светот, а рускиот Норникел е главен производител и на паладиум и на платина. Цената на паладиумот утрово порасна за три отсто, а накратко го допре највисокото ниво од август минатата година. Цената на платината порасна за 1,5 отсто.

Слични содржини