Министерството за надворешни работи вечерва информираше дека во соработка со партнерски земји обезбеди транспорт за евакуација на нашите државјани кои во моментот се наоѓаат во Одеса, Украина.
-Апелираме нашите државјани кои се наоѓаат во Одеса, итно да го контактираат министерството, со цел достава на податоци и координација на процесот за евакуација на дежурниот телефонски број +389 75 273 732. Воедно, министерството остварува комуникација со нашите државјани со чии податоци располага, со цел достава на насоки за постапување.
Дополнително, министерството за надворешни работи прави напори да обезбеди начини за евакуација и за нашите државјани кои во моментот се наоѓаат во Харков и Киев, за што дополнително ќе информираме, се вели во соопштението на МНР.
Од таму додаваат дека во текот на денот, Министерството за надворешни работи имаше неколку јавувања од наши граѓани, транспортери на камиони, кои заради воените дејствија во Украина беа заглавени на украинско-полската и украинско-романската граница.
-Амбасадите во Букурешт и Варшава, цел ден активно комуницираат со полските и романските власти, а се обидуваат и преку украинските конзулати во Романија и Полска да им помогнат на овие наши превозници за да ја напуштат украинската територија без да претрпат економски последици. Истовремено апелираме до сите транспортни превозници да се воздржат од проток и патувања кон Украина затоа што состојбите се крајно непредвидливи и нашите институции не можат да им ја гарантираат нивната безбедност, потенцираат од МНР.