Претседателот на Србија, Александар Вучиќ оцени дека идејата за итен прием на Косово во НАТО не е од Приштина, туку од албанските лобисти и додаде дека целта е четири земји од ЕУ да го признаат Косово, а Србија да биде стави пред свршен чин.
– Во овој момент не можам да проценам колку е реална опасноста, но секако не е наивна ситуација за нас, рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека за идејата и можноста Косово да стане членка на НАТО од српските разузнавачки служби слушнал пред седум месеци.
-Тоа не е идеја на Косово, туку на некои албански лобисти, меѓу другите во САД. Тоа им е важно, бидејќи сакаат да ги натераат четирите земји од ЕУ кои се членки на НАТО да ја признаат независноста на Косово. Тоа е лесен изговор за некои земји да го прифатат тоа и да кажат, мораме затоа што немаме друг излез, изјави Вучиќ.
Второ, додаде тој, тоа е обид да се стави Србија пред свршен чин, бидејќи некој сака да каже – „само вие останавте да ја признаете независноста и немате избор“.
Тој рече дека без разлика колку државата го признава Косово и што и да прави некој, и без разлика на притисоци и уцени, Србија, за разлика од нив, ќе се придржува до меѓународното право, Повелбата на ОН и ќе го почитува територијалниот интегритет на меѓународно признатите земји.
Вучиќ рече дека за него овие денови, откако изби кризата околу Украина, се буквално како ноќна мора и најтешки во неговата професионална работа и дека во разговорите со европските претставници ги слушнал сите забелешки и критики и притисоци како никогаш досега, во последните десет години.
– Ситуацијата е страшно тешка, не паметам ваков период. Да парафразирам, годината поминува, а денот никако. Денот ми трае како една година. Во претходните три дена остарев како во претходните 10 години. Но, ние ја имаме позицијата на нашата држава и колку можеме ќе ја задржиме позицијата на нашата држава, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија е за почитување на меѓународното право и не може на кој било начин да го поддржи нападот врз Украина.