Продажбата на дресовите на Шалке е зголемена откако фудбалскиот клуб ја прекина соработката со руската компанија Газпром, која беше негов главен спонзор.
Како што беше најавено во понеделникот, навивачите побрзале да купат дресови на кои веќе го нема името и препознатливото лого на компанијата Газпром.
„Поради големата побарувачка за специјалниот дрес, онлајн продавницата на клубот моментално го достигна максималниот капацитет“, објави Шалке на социјалните мрежи.
Шалке ја прекина соработката со долгогодишниот спонзор поради руската воена интервенција во Украина.
„Оваа одлука нема да ја промени финансиската способност на клубот. Раководството е убедено дека во блиска иднина ќе може да претстави нов партнер“, се вели во соопштението на германскиот второлигаш.
Шалке минатата сезона испадна во втората лига, а Газпром беше негов главен спонзор од 2007 година.