Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го потпиша барањето за членство на Украина во Европската унија, изјави заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Сибига.
„Претседателот на Украина В. Зеленски потпиша историски документ – апликација за членство на Украина во Европската унија“, напиша Сибига на Фејсбук, пренесе Интерфакс.
Барањето го потпишаа и претседателот на Врховната Рада Руслан Стефанчук и премиерот Денис Шмигал.
Зеленски утринава во видео порака ја повика Европската унија веднаш да ја прифати Украина во ЕУ.
Фон дер Лајен: Украина треба да стане членка на ЕУ
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази недвосмислена поддршка за идејата Украина да стане членка на европскиот блок, велејќи дека земјата која сега е нападната од Русија е „една од нас“.
Фон дер Лајен зборуваше за „Евроњуз“, откако ЕУ за прв пат во својата историја одлучи да испрати оружје во земја која е во војна.
Неименуван извор изјави за Ројтерс дека ЕУ на Украина ќе и испрати оружје во вредност од 450 милиони евра.
„Тие се едни од нас и ние ги сакаме во ЕУ“, изјави Фон дер Лејен за Eуроњуз.