САД ја затвори амбасадата во Минск и го спушти знамето

од Nikola Popovski
220 прегледи

САД синоќа ја затворија амбасадата во Минск, а на вработените кои не се на неопходни позиции им беше дозволено да ја напуштат амбасадата во Москва со членовите на семејството, јавува Ројтерс.

-Ги презедовме овие чекори поради безбедносни прашања кои произлегуваат од неиспровоциран и неоправдан напад на руските воени сили во Украина, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

На фотографијата објавена на Твитер од американската амбасадорка во Белорусија Џули Фишер во понеделникот се гледа како персоналот на мисијата го спушта американското знаме.

-Целиот американски персонал ја напушти Белорусија, објави Фишер на Твитер.

-Граѓаните на САД во Белорусија треба веднаш да ја напуштат земјата, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Во Украина, работите на американската амбасада беа префрлени од Киев во Лавов две недели пред влегувањето на руските сили на територијата на источна Украина.

Белорусија е близок сојузник на Русија, на чија армија и отстапи сопствена територија за да ја нападне Украина.

Американските власти во понеделникот ја предупредија Белорусија дека и таа ќе ги трпи последиците од нејзината улога во рускиот напад. Европската унија, исто така, предупреди дека оваа недела ќе воведе нови санкции кон Белорусија.

 

Слични содржини