Бесими за Украина: Стоковите резерви ги имаат потребните количини и тие се доволни, нема потреба од паника

од Vladimir Zorba
233 прегледи

Стоковите резерви ги имаат потребните количини и тие се доволни, а дополнително и компаниите имаат доволни резерви за да одговорат на потребите на пазарот, затоа нема потреба од паника, порачува министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Еуроњуз Албанија.

-Државните резерви се класифициран податок и затоа немаме право јавно да го објавиме, но она што е најважно е дека тие да се доволни, и не само државните резерви, туку и резервите што ги имаат компаниите за нивните потреби на пазарот кои, исто така, се доволни. Така што во моментов има доволно резерви и нема потреба од паника. Ние ќе продолжиме со снабдување на државните резерви како што е предвидено во годишната програма, а како Владата ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто, рече министерот Бесими.

Посочувајќи на мерките што Владата веќе ги презеде за да одговори на влијанието на енергетската криза во насока на заштита на стандардот на граѓаните и да нема голем раст на цените на основните прехранбени производи и електричната енергија на регулираниот пазар, истакна дека тие не се доволни со оглед на тоа што продолжува кризата и состојбата во Украина и оти е важно да се следи како се развива влијанието врз домашната економија за да се види кои мерки и капацитети ќе бидат потребни.

-Во однос на економските и социјалните предизвици, ние сме во постојан контакт со сите учесници во општеството за да можеме ефективно да реагираме, но и во однос на финансирањето на ова сме во комуникација и со Европската комисија и со меѓународните институции, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, за евентуално да се користат инструменти кои ќе помогнат во финансирањето на трошоците во економијата на земјата, посочи Бесими.

Интервјуто на министерот беше реализирано од Лондон, каде заедно со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, учествуваа на Самит на ЕБОР, каде, исто така главни теми беа енергетиката, диверсификацијата, енергетската неизвесност и енергетското поврзување на земјите од регионот, инфраструктурното поврзување помеѓу земјите од регионот, зајакнувањето на човечкиот капитал и дигитализацијата.
-Се дискутираше за конкретни проекти од овие области кои се спроведуваат од нивна страна, односно целта е да се дефинираат предностите како и тоа поради која причина инвеститорите треба да инвестираат во земјите од регионот, односно земјите да се претстават од аспект на макроекономската стабилност, на придобивките во областа на даночниот систем, но и подготвеноста на капацитетите и човечкиот капитал во земјите од регионот, како и во однос на најзначајното, т.е. инфраструктурното поврзување, изјави министерот за финансии.