Операторот на гасоводот „Северен тек 2“, чие седиште е во Швајцарија и кој е задолжен за проектот за гасоводот меѓу Русија и Германија, ги отпушта сите свои вработени, поради воведени санкции кон Русија, пренесува „Swiss Info“.
Повеќе од 140 луѓе останаа без работа во компанијата, изјави министерот за економија Ги Пармелин.
-Дознавме дека целиот персонал на „Северен тек 2“ во швајцарскиот град Цуг е отпуштен, изјави тој за швајцарската радио станица РТС во понеделникот вечерта.
Од радиото се обиделе да стапат во контакт со компанијата, но одговор не добиле.
Претходно германскиот канцелар Олаф Шолц го суспендираше издавањето на потребните дозволи за гасоводот, кој беше завршен во септември 2021 година, да биде пуштен во употреба. Во исто време, Шолц наложи да се направи проценка за тоа како Германија може да продолжи да снабдува енергија без да зависи од Русија.
-Ситуацијата суштински се промени, рече Шолц откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да ја признае независноста на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск.