Зеленски од бункер: Работам и спијам, услов за преговори е прекин на бомбардирањето

од Nikola Popovski
221 прегледи

Во денешното интервју за Ројтерс и Си-Ен-Ен во „строго чуваниот владин комплекс“, украинскиот претседател Володимир Зеленски, меѓу другото, рече дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат „значајните“ мировни преговори. Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да направи повеќе за да и помогне на Украина.

Запрете го бомбардирањето и потоа преговарајте

„Потребно е барем да се запре бомбардирањето на луѓето, само да се запре бомбардирањето и потоа да се седне на преговарачка маса“, изјави денеска претседателот на Украина – ден по вчерашните мировни преговори меѓу Русија и Украина, кои завршија без резултати.

Само тогаш, вели Зеленски, може да започнат „значајни“ мировни преговори.

Повеќе од меѓународната заедница

Украинскиот претседател ги повика членките на НАТО да го затворат својот воздушен простор за руските воздухопловни сили, нагласувајќи дека тоа ќе биде „превентивна мерка“, а не нешто што може да го вовлече сојузот во војна со Русија.

„Не се работи за вовлекување на земјите од НАТО во војна. Точно е дека сите се вклучени во војната долго време, и дефинитивно не од Украина, туку од Русија – војната од големи размери е во тек“, рече Зеленски, додавајќи дека американскиот претседател Џо Бајден објаснил дека сега не е вистинско време да се воведат уште такви“.

Или НАТО или гаранции

Ако НАТО на крајот ги затвори вратите за Украина, Зеленски вели дека неговата земја ќе бара да и бидат обезбедени правно обврзувачки безбедносни гаранции.

„Ако нашите партнери не се подготвени да ја прифатат Украина во НАТО… бидејќи Русија не сака Украина да биде во НАТО, тие треба да развијат заеднички безбедносни гаранции за Украина“, изјави украинскиот претседател за Ројтерс и Си-Ен-Ен.

Според него, тие гаранции треба да обезбедат Украина да има територијален интегритет, да се заштитат нејзините граници, да има посебни односи со сите соседи и да е безбедна.

„Ние го браниме нашето право на живот. А тие?

„Многу е важно да знаете дека ако Украина падне, тогаш сите овие (руски) војници ќе бидат на границите на вашите земји-членки на НАТО… и тогаш ќе се соочите со истото прашање“, предупреди Зеленски.

Тој се пожали на новинарот на Ројтерс и Си-Ен-Ен дека САД и Европа ги игнорирале барањата на Киев за воведување санкции кон Русија пред почетокот на војната, но исто така рече дека го поздравува влијанието што сега го имаат врз Русија.

„Ние имаме војна секој ден и ни треба помош секој ден“, рече тој, а на прашањето за неговиот дневен распоред, тој одговори: „Работам и спијам“.

„Имаме што да браниме, го браниме нашето право на живот. И што прават овде? Тие не го разбираат нашиот народ, нашата држава, нашата филозофија … Тие не знаат ништо овде, тие се испратени овде да убиваат и да умрат. Затоа, ние сме посилни на нашата земја и ќе бидеме посилни“, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се уште одбива да го напушти Киев.