На заповед на Путин – руските граѓани не смеат да изнесуваат повеќе од 10 илјади долари од земјата

од Vladimir Zorba
188 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот издаде декрет со кој им забранува на руските граѓани да изнесуваат повеќе од 10 илјади долари од земјата, со што Москва се обидува да го спречи одливот на пари поради санкциите воведени поради руската инвазија на Украина.

Лимитот стапи на сила во средата, а според претседателот Путин, тој е воведен поради „непријателските“ потези на САД и другите западни земји, вклучително и санкциите наметнати за неколку руски банки.

Долгите редици пред банкоматите станаа секојдневие во Русија бидејќи граѓаните се обидуваат да подигнат готовина во услови на нагло опаѓање на вредноста на рубљата под влијание на санкциите воведени кон Русија поради нападот врз Украина.

Цените на увозните производи силно растат и граѓаните се обидуваат да купат артикли како мобилни телефони пред да станат прескапи, забележува агенцијата ДПА.

Регулативата за ограничување на износот на девизи од земјата се надоврзува на забрзаните обиди на руските власти да го ограничат силниот одлив на капитал поради санкциите.

Финансиските санкции против Русија вклучуваат ограничување на просторот за маневрирање на руската централна банка за користење на девизните и златните резерви и блокирање на пристапот на некои руски банки до глобалниот платежен систем SWIFT.

Централната банка на Русија побара од извозниците да продадат 80 отсто од девизните приходи со цел да го поддржат девизниот курс на рубљата, кој падна на најниско ниво откако беше тргувана на финансиските пазари на почетокот на оваа недела.

Премиерот Михаил Мишустин, исто така, во вторникот објави дека Русија привремено ќе ја забрани продажбата на руски имот на странски инвеститори.

– Во сегашната ситуација странските претприемачи се принудени да носат одлуки не водени од економски фактори туку од политички притисок, изјави рускиот премиер на владината седница.

– За да им се даде можност на компаниите да донесат добро осмислена одлука, подготвена е претседателска регулатива за воведување привремени ограничувања за продажба на руски имот, додаде Мишустин, без да навлегува во детали.

Глобалните компании кои со децении работат во Русија веќе почнаа да се повлекуваат, па британскиот енергетски гигант БП најави излегување од руски Роснефт, а Шел од фабриката за течен гас Сахалин 2, со што ја прекина соработката со Газпром.

Повлекување од Русија најави и американскиот нафтен гигант Ексон, а австриски ОМВ објави дека се откажува од купување на удел во нафтеното поле во Русија.