ССНМ: Медиумите да се водат според својата совест и да разберат дека не се бизнис фирми

од Маја Анчевска
361 прегледи

Самостојниот синдикат на новинари и медиуми (ССНМ), во разговор за „Локално“ истакна дека и тие се приклучиле кон ставот на Европската федерација на новинари и дека затворање на руски медиуми или препорака за прекин на нивно емитување може да биде контрапродуктивно и дека не е вистински начин за борба против дезинформациите и пропагандата. Или како што наведува генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез : „затворањето на еден медиум не ни се чини како најдобар начин за борба против дезинформации и пропаганда“.

– Владата препорача да се сопре  реемитувањето на медиуми, РТ и Спутник  во Македонија, но, не воведе директна цензура. Во денешно време цензурата е тешко да даде резултат, бидејќи иако кабелските оператори решија да ја прифатат препораката, интернет просторот не може да се цензурира, односно тоа би повлекло многу пострашни последици по слободата на говор и слободата на медиумите, велат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Медиумите секако имаат влијание врз формирањето на јавното мислење, а потенцираат дека   повиците за објективно, професионално известување, без говор на омраза не се доволни, затоа што самите медиуми треба да бидат одговорни за јавната свест.

– Ние повикуваме, медиумите да се држат до правилата за професионално известување и да не навлегуваат во сферите на пропагандата. Останува самите медиуми да се водат според својата совест и да разберат дека тие не се обични бизнис фирми или компании туку треба да бидат заштитници на јавниот интерес. Што се однесува до говорот на омраза, тој може да се намали и преку функционирање на институциите и санкционирање на секој облик на говор на омраза во јавната сфера, бидејќи тоа е казниво по закон, додаваат од ССНМ.

Самостојниот синдикат на новинари и медиуми е една од 34 оранизации од 28 држави членки на ЕФЈ кои потпишаа заедничка изјава со осуда на инвазијата и нападите врз печатот во Украина и Русија.

M.A.

Слични содржини