Британските медиуми пренесуваат дека прашањето за објавување на новиот договор меѓу Макс Верстапен и Ред Бул е само прашање на денови.
Нема дилема дека светскиот шампион во Формула 1 ќе остане во Ред Бул и ќе заработува баснословни пари во продолжението на кариерата.
Според „Дејли Мејл“, се верува дека Ред Бул ќе му понуди договор на Холанѓанецот на најмалку пет години, а неговата заработка по сезона би можела да достигне неверојатни 48 милиони евра.
Иако Ред Бул не сакаа да ја коментираат оваа информација, луѓето блиски до преговорите потврдија дека се е готово.
„Се е договорено. Макс ќе остане уште долго, можеби уште пет години. Ќе има значително финансиско зголемување, практично, двојно ќе ги зголеми приходите“, наведува изворот за весникот.
Пред неколку дена беше објавено дека агентот на Верстапен, Рејмонд Вермулен е на преговори во Грац со челниците на Ред Бул.
Се верува дека деталите од договорот меѓу Верстапен и Ред Бул ќе бидат објавени подоцна оваа недела.