Сите ги следиме случувањата преку интернет, гледаме дека агресијата ескалира. На Русија не и успеа да изврши „блицкриг“ односно брза војна, бидејќи наиде на отпор и почна да применува хаотични и жестоки напади врз мирни градови и села. Има многу погодени болници, породилишта, школи и станбени згради. Русите преминаа на директоно уништување на Харков, бомбардирајќи го центарот на градот, вели Украинката Тамила Велковска која живее во Македонија, во разговор за „Локално“ .
Низ солзи таа раскажува дека во мало рударско гратче, каде живеат нејзините родители, Русите ги вадат цивилите од подрумите и ги ставаат како жив штит.
-Постојано се вршат напади на Киев. Многу информации јас ги имам дури не од медиумите, туку од прва рака, снимено од мобилните телефони од моите роднини и пријатели таму. Денеска мајка ми напиша дека Русите ги вадат цивилите од подруми и ги носат пред тенковите како жив штит, и дека татко ми, кој има скоро 70 години е излезен на влезот на гратчето, кое има пет улици, да го брани. И не замолува да го информираме светот за овие ужаси што се случуваат на мирните жители, раксажува Тамила која вели дека нејзините родители избрале дa останат во Украина и да ја бранат својата земја.
И претседателот на Здружението на Украинците, „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович вели дека ситуацијата во неговата родна земја е катастрофална.
-Се јавуваат луѓето од големите градови како Киев заробени во своите станови и засолништа, неколку дена се без храна и основни хигиенските средства. Цело време се вршат напади на многу градови, највеќе е нападнат Херсон, Киев, Харков, Миколаев. Русите не бираат средства, има многу диверзанти, кои стават ознаки врз објекти за гаѓање. Веќе има многу повредени цивили, луѓето седат во засолништа, немаат можност да избегаат, зошто не знаат од кој правец ќе се пука овој пат. Ниту колоните за евакуација не се безбедни. Окупаторите немаат милост, раскажува Урбанович за „Локално“.
Урбанович пред 8 години поради бизнис дошол во Скопје и останал до денес.
-Јас како бизнесмен, размислував за нови пазари и можности, и така се случи, што во мај 2013 година, мојот кум, Украинец, се врати од одмор од Македонија и ми раскажа колку таа е убава земјата, и тоа од сите аспекти, вклучувајќи го и деловниот. Па оттогаш почнавме да бараме идеја што би можеле да работиме од Украина со Македонија и обратно. На почетокот на 2014 година јас го продадов мојот дел од компанијата „ВиАна“, на мојот партнер и ние со Олександр Кочетков заедно дојдовме во Р. Македонија и ја отворивме компанијата „Приоритет“, во која јас сум до ден денес Основач и Управител, вели Урбанович кој од пред четири години е претседател Здружението на Украинците во РСМ, „Лесја Украинка“.
Тој напоменува дека борбата на Украинците е огромна и верува дека нема да биде напразна.
-Нашата жртва во борба за слобода е огромна и сите веруваме дека нема да биде напразна.Вреди да се пробаат сите средства. Многу се надеваме дека таа ќе помогне што поскоро да се спречи кровопролевањето, вели Урбанович.
Од Здружението на Украинците, „Лесја Украинка“ велат дека досега колку што се запознаени нашата земја нема дадено официјално изјава дека ќе прима бегалци.
-Така да прашањето со сместување и што е најважно социјален пакет е отворено. Без тоа овде Украинците можат да престојуваат само како туристи, така да засега нема никаков бран на бегалци во Македонија, објаснуваат од „Лесја Украинка“.
Оттаму додаваат дека и покрај апелот што го пуштиле на социјалните мрежи досега се јавиле само неколку хумани луѓе, кои се подготвени да примат бегалци од Украина.
-Моментално Здружение на Украинците во Република Северна Македонија „Лесја Украина“ е насочено на собирање на хуманитарна помош, бидеќји луѓето во големите градови, заробени по подруми и скривалишта буквално гладуваат. Со оглед на тоа дека населението во големите градови брои неколку милиони жители. Веќе нашите роднини ни праќаат апели за помош. Има недостиг на храна, лекови и средства за хигиена. Едноставно хуманитрна катастрофа. Така денес е отворен пункт на собирање на хуманитарна помош во Магацин на компанија “Кодинг Горска” на адреса: Ѓорче Петров, ул. Шарпланина бр. 4/ Апелирам повеќе да се носи храна (освен со животинско поткло) бидејќи има проблем со царина и средства за хигиена.Центарот за прием на хуманитарна помош ќе биде отворен секој работен ден од 10 до 19 часот , во сабота од 10 до 14 часот, велат од „Лесја Украинка“.
Б.М.