Руското Министерство за одбрана соопшти дека руската армија има загуби во рамките на, како што вели, „специјалната воена операција“. Како што се наведува, загинале 498 војници, а 1.597 биле ранети.
Веста за безброј жртви во редовите на руската армија е дезинформација, изјави за новинарите претставникот на Министерството за одбрана Игор Конашенков.
Кога станува збор за загубите во редовите на украинските националисти и армијата, Конашенков вели дека над 2.870 загинале, а околу 3.700 се ранети.
Како што рече, руските сили уништиле 1.500 воени објекти во Украина од почетокот на операцијата, а нападите врз објектите на воената инфраструктура во Украина продолжуваат.
„Уништени се точно 1.533 објекти, од кои 54 командни пунктови и комуникациски центри на украинската армија, 39 системи за противвоздушна одбрана С-300, БукМ-1, Оса, 52 радарски станици“, наведе тој, додавајќи:
„Уништени се и 47 авиони на земја и 13 во воздух, 484 тенкови и други оклопни возила, 63 повеќецевни минофрлачи, 217 артилериско оружје, 336 возила и 47 беспилотни летала“.