Рускиот олигарх Роман Абрамович дефинитивно одлучил да го продаде Челзи, беше објавено во средата.
Абрамович го купи Челзи пред речиси 20 години (2003) и го предводеше лондонскиот клуб до две европски титули, во 2012 и 2021 година.
Под негово владеење „сините“ ја освоија и Лигата на Европа, но сега поради војната во Украина и зголемениот притисок од британската јавност и властите, Абрамович мораше да се повлече.
Најпрво се пишуваше дека клубот ќе го препушти на раководството на Фондацијата ФК Челзи, но дека формално ќе остане сопственик. Фондацијата одби, па сега се е сменето.
Абрамович изјави дека нема да бара отплата на позајмици и долгови, бидејќи тврди дека направил се во најдобар интерес на клубот.
-Би сакал да ги коментирам шпекулациите во медиумите, објавени претходните денови во врска со мојата сопственост во Челзи. Како што кажав претходно, работев во интерес на клубот и од срце. Во сегашната ситуација решив да го продадам клубот, бидејќи верувам дека тоа е во негов најдобар интерес, но и во интерес на навивачите, вработените, како и спонзорите и партнерите. Тоа нема да оди толку брзо, но тоа ќе биде процес, изјави Абрамович на клупската веб-страница.
Тој истакна дека луѓето од неговиот тим ќе формираат и добротворна фондација која ќе донира пари за народот на Украина, односно за жртвите од војната во таа земја.
-Ова вклучува витални финансии според најитните потреби на жртвите, како и за долг процес на опоравување. Знајте дека ова беше неверојатно тешка одлука и ме боли што се разделувам со клубот на овој начин. Во секој случај, убеден сум во тоа е најдобро за него, заклучи Абрамович.