„Спортски геноцид“: Остра реакција од Русија на забраната

од Nikola Popovski
453 прегледи

Здружението на руски спортисти објави соопштение во кое одлуките за суспензија на руските и белоруските спортисти ги нарече спортски геноцид.

Извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет претходно препорача спортските федерации да го забранат натпреварувањето на Русите и Белорусите.

Како што се наведува, со ваквата одлука МОК реагира на случувањата во Украина.

„Спортот отсекогаш бил амбасадор на мирот и добрата волја, создавал можности и помагал во решавање на конфликтите. Тоа е мисијата на модерното олимписко движење. Ние мислевме дека е така, а потоа Меѓународниот олимписки комитет и другите меѓународни спортски федерации, без никаква легитимна основа и со кршење на сите регулаторни документи, одлучија да им го ускратат законското право на руските и белоруските спортисти да учествуваат на натпревари“, се вели во соопштението.

Како што се посочува, пред очите на светската јавност од политички причини се случува трагичното уништување на олимпиското семејство.

„Ние категорично се спротивставуваме на спортскиот геноцид врз руските и белоруските спортисти. Ќе упатуваме поплаки до сите одговорни и вклучени поединци и организации. Променете ги вашите одлуки! Од историска гледна точка, ваквите одлуки се катастрофални за олимпиското семејство и јасно покажуваат дека ниту еден спортист денес не може да биде сигурен во заштита и гаранција на нивните права. Ако не можеме да воспоставиме единство и разбирање во сегашноста, тогаш ги очекуваме негативните последици од оваа конфронтација и во блиска иднина“, се вели во соопштението.

Слични содржини