Ветеран во димпломатијата: Некогаш ја уживаше почитта на Западот, а сега сите му вртат грб

од Vladimir Zorba
249 прегледи

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров имаше ас во ракавот кога беше домаќин на неговата британска колешка Лиз Трус на разговорите во Москва во февруари.

„Дали го признавате суверенитетот на Русија над регионите Ростов и Воронеж?“, ја праша тој министерката за време на нејзината прва посета на Русија.

Обединетото Кралство „никогаш нема да го признае“ рускиот суверенитет во тие региони, одговори таа.

Проблемот за Трус беше што овие региони беа составен дел на Русија, па британскиот амбасадор беше принуден итно да го исправи тоа.

Инцидентот го поттикна Лавров на прес-конференцијата огорчено да изјави дека е „разочаран“ од нивната средба и да ја обвини британската колешка за слаба подготовка.

Оваа заседа беше симбол на трансформацијата на Лавров, кој за неколку години од урбан мајстор на дипломатијата, почитуван и од непријателите, се претвори во напаѓачко оружје на Кремљ.

Неговото сè покавгаџиско однесување му го обезбеди прекарот г-дин Њет (Господин Не) што првично му го дадоа западните коментатори на Андреј Громик, советскиот министер за надворешни работи во екот на Студената војна, пишува „Јутарњи“.

Лавров е на функцијата министер за надворешни работи од 2004 година, но не е познато колку тој е дел од тесниот круг на Кремљ, пренесува АФП.

Би-Би-Си во својата анализа оценува дека, барем кога станува збор за Украина, иако впечатокот можеби не изгледа така на прв поглед, тој всушност долго време е ставен на страна. Навистина, во последната украинско-руска криза, Лавров се залагаше за дополнителни дипломатски разговори, но Путин избра да го игнорира.

Шефот за пропаганда на Путин

Лавров, јавен бранител на руската инвазија на Украина, сега е под санкции од Западот и му е забрането да патува таму.

Кога тој се обрати на конференцијата за човекови права и разоружување во Женева во понеделникот – преку видео-конференција поради новововедената забрана за патување – дипломатите ја напуштија салата во знак на протест.

„Принуден сум да ве контактирам преку видео-конференција“, се пожали тој.

„Причината поради која вака ви се обраќам се мерките без преседан на Европската унија, која одби да почитува едно од основните човекови права – правото на движење“, додаде тој пред да започне обемниот вербален напад врз Украина и Западот.

Само минатата недела Лавров разговараше лице в лице со американскиот државен секретар Антони Блинкен и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан за да ја одржи дипломатијата во живот.

Но, откако Путин ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, останува нејасно дали тој некогаш повторно ќе се сретне со некој од западните министри за надворешни работи или ќе отпатува во Европа или САД.

Еден ден по инвазијата, ЕУ ги замрзна средствата на Путин и Лавров во Европа и ги додаде нивните имиња на списокот со санкции, што е крајно невообичаен потег.

Велика Британија и САД го следеа примерот на ЕУ, а американското Министерство за финансии го опиша Лавров како „шефот за пропаганда“ на Путин кој „шири лажна приказна дека Украина е агресорот“.

„Чувај ми го грбот“

Но, тоа не беше секогаш случај. Лавров уживаше почит од сите страни за неговата работа во ОН за време на неговиот десетгодишен мандат како амбасадор на Русија во светската организација.

Иако некои го сметаат за ситничар, тој успеа да изгради добри односи со колегите, особено со поранешниот американски државен секретар Џон Кери за време на подготвувањето на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.

За време на маратонските преговори за Сирија во Женева 2016 година, на кои учествуваше и Кери, Лавров ги воодушеви новинарите откако во утринските часови во прес-салата донесе две шишиња вотка.

„Донесовме вотка, а американската делегација е задолжена за пиците“, рече Лавров, познат по љубовта кон вискито и поранешен страстен пушач.

Лавров, кој течно зборува англиски и синхалски поради неговата претходна дипломатска работа во Шри Ланка, е популарен во Русија, па не е чудно што на минатогодишните избори беше на врвот на листата на владејачката партија.

Пред изборите, рускиот истражувачки портал „IStories“ објави дека Лавров наводно бил во врска со жена на висока позиција во руското Министерство за надворешни работи, која ја „опсипувал“ со подароци, како автомобил.

Поранешниот руски министер за надворешни работи Андреј Козирев, кој служеше под Борис Елцин во 1990-тите, започна кампања со која ги повикува руските дипломати да поднесат оставки во знак на протест поради војната.

„Лавров, кој беше праведно санкциониран, ми беше заменик во 90-тите. Некогаш ми го чуваше грбот, а денес ќе внимавав да не ме прободе со нож“, рече тој.

Слични содржини