Менаџерот на Челси, Томас Тухел вели дека се уште не му „легнала“ веста за заминувањето на сопственикот Роман Абрамович.
„Малку е рано да се зборува за тоа, бидејќи можам да размислувам за Челси само со Роман Абрамович. Многу ми е тешко. Сè уште не сум свесен целосно дека тоа ќе се случи. Тоа ќе биде огромна промена“, изјави Тухел и додаде дека тимот не разговарал за тоа пред натпреварот со Лутон во ФА Купот.
„Играчите имаат интернет, гледаат телевизија, секако знаат, добивале и пораки. Сепак, се концентриравме на подготовките, на спортскиот дел. Некои играчи беа посилно погодени, некои помалку, но ние успеавме да победиме“, додаде германскиот стручњак.
Абрамович го купи Челзи во 2003 година и под негово водство освои многу трофеи, вклучувајќи пет титули во Премиер лигата и две Лига на шампиони.
Челси го победи Лутон со 3-2 во петтото коло од ФА Купот.
„Задоволен сум од резултатот и од играта. Првиот гол ни ги отежна работите, ни требаше време да влеземе во игра. Во вториот дел бевме упорни и концентрирани, трпеливи и офанзивни. Заслужено победивме“, заврши Тухел.