Светскиот шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен потпиша петгодишно продолжување на договорот, што значи дека ќе остане во Ред Бул до крајот на 2028 година.
Верстапен, чиј договор истекува на крајот на 2023 година, „потпиша продолжување на договорот што ќе го задржи во тимот на Ред Бул до крајот на 2028 година“, се вели во соопштението на Ред Бул.
„Биковите“ не ги открија финансиските детали од зделката, но медиумите проценуваат дека Холанѓанецот ќе добие меѓу 40 и 50 милиони евра годишно според договорот.
„Навистина уживам што сум дел од Oracle Red Bull Racing Team, па беше лесно да се одлучам да останам овде до крајот на 2028 година“, рече Верстапен, кој оваа година повторно ќе вози заедно со Мексиканецот Серхио Перез.
„Го сакам овој тим и минатата година беше едноставно неверојатна, нашата цел од 2016 година откако сме заедно е да го освоиме шампионатот и го направивме тоа, па сега целта е да го задржиме бројот еден на болидот“, додаде тој. .
Верстапен, кој дебитираше во Формула 1 со Ред Бул Торо Росо како 17-годишник во 2015 година, ја освои својата прва светска титула во декември.
Победникот на 20 трки, од кои првата беше во 2016 година, сега ќе биде платен отприлика колку Луис Хамилтон, чиј договор со Мерцедес истекува на крајот на следната сезона и заработува 40 милиони фунти годишно.