Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки изјави за Си-Ен-Ен дека нема планови за средба меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин, наведувајќи дека „сега не е момент“.
„Не планираме нивна средба или телефонски повик. Претседателот (Бајден) беше многу, многу јасен за тоа. Но, ние ги имаме тие разговори внатрешно и анализираме голем број фактори“, рече Псаки.
На прашањето дали ќе има околности во кои Бајден би можел да седне на иста маса со Путин, доколку руските војници останат во Украина, Псаки рече дека не може да го оцени тоа.
„Во овој момент, тие извршија инвазија на суверена земја и продолжуваат да ескалираат секој ден. Никогаш нема да ја тргнеме дипломатијата од масата, но сега не е време за тоа“, рече Псаки.
Таа додаде и дека американската администрација „нема проценка“ дали се приближува до забраната за увоз од Русија.
Псаки не сакаше директно да одговори дали Бајден верува дека Русија на крајот ќе го заземе Киев, наведувајќи: „Ова е сепак нивна аспирација“.