Претседателот на Украина Владимир Зеленски е во Киев и не ја напуштил Украина, соопшти Врховната Рада (Собранието на Украина) по информацијата дека претседателот ја напуштил земјата.
„Не е вистина, претседателот е во Киев. Тој е со својот народ!“, се наведува во соопштението на Врховната Рада на Телеграм. Рада ја нарече „лажна“ информацијата дека Зеленски си заминал.
Претходно претседателот на руската државна дума Вјачеслав Володин изјави дека претседателот на Украина Владимир Зеленски ја напуштил Украина и дека моментално се наоѓа во Полска. На крајот на февруари, тој, повикувајќи се на пратениците на Врховната Рада, објави дека Зеленски од Киев заминал за Лавов.
Да потсетиме, Русија на 24 февруари започна воена агресија кон Украина. Во телевизиско обраќање до Русите, рускиот претседател Владимир Путин рече дека околностите „бараат решителна и итна акција“ и дека народните републики во Донбас и се обратиле на Русија со барање за помош.
Според рускиот лидер, целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина. Тој ја повика украинската армија да не ги почитува криминалните наредби на украинските власти, да го остави оружјето и да си оди дома.