Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва преку Зум им се обрати на демонстрантите собрани во голем број европски градови, кои излегоа на улиците за да ја поддржат Украина во борбата против руската инвазија.
– Првата минута од ова обраќање ќе биде едноминутно молчење за сите оние кои паднаа во борбата за својата земја, за нашите војници, за сите оние кои прават херојски дела бранејќи ја нашата земја, за оние кои ги дадоа своите животи, рече Зеленски во обраќање до демонстрантите во Братислава, Франкфурт, Прага, Лион, Тбилиси, Виена и Вилнус.
– Сакам да им посакам се најдобро на народите во Европа. Деновиве нашите војници, нашите херои ја чуваат нашата Украина, нашата Европа и вашата Европа, додаде Зеленски.
Тој го искористи последниот дел од своето обраќање за да вети победа во војната, која ја нарече „победа на Украина и победа на демократијата“.
-Сакам да ве повикам да не молчите. Сакам да излезете на улиците на вашите градови и да ја поддржите Украина, да ги поддржите нашите напори и нашата борба, бидејќи ако Украина падне, Европа ќе падне. Ако паднеме, ќе паднете и вие, затоа ве молам не молчете и не ја вртете главата.
Излезете и поддржете ја Украина колку што можете. И ако победиме, а сигурен сум дека ќе победиме, тоа ќе биде победа за целиот демократски свет. Тоа ќе биде победа за нашата слобода. Тоа ќе биде победа на светлината над темнината, слободата над ропството.
Ако победиме, ќе напредуваме како Европа, а Европа ќе напредува повеќе од кога било по таа славна победа. Слава на Украина, заклучил Зеленски, пренесува хрватски „Index“.