Рускиот претседател, Владимир Путин побара од министрите да состават список на земји кои воведоа санкции кон Русија, нејзините компании, организации и поединци поради нападот врз Украина.
„Имате два дена за тоа“, рече Путин.
Санкциите веќе почнаа да влијаат на животниот стандард во Русија. Триесет и две земји го затворија својот воздушен простор за авиокомпании регистрирани во Русија или кои припаѓаат на руската влада и нејзините граѓани. Според JPMorgan Chase, напад врз Украина може да доведе до колапс на руската економија како оној во 1998 година.
Кремљ вчера соопшти дека Западот се однесува како бандит, но дека Русија е далеку од изолирана „бидејќи светот е многу поголем од САД и Европа“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Западот е ангажиран во економски грабеж против Русија и дека Москва ќе одговори на тоа.
Тој не прецизираше каков ќе биде одговорот, но рече дека ќе биде во согласност со руските интереси.
-Тоа не значи дека Русија е изолирана. Светот е преголем за Европа и Америка да изолираат земја, особено земја голема како Русија. Во светот има уште многу земји – додаде Песков.
Доколку САД воведат санкции за рускиот извоз на енергија, тоа значително ќе ги потресе енергетските пазари, посочи Песков.