Панова: Борбата за рамноправноста се сведе на предрасуда дека потребно е жената да се заштитува

од Берта Китинска
637 прегледи

Современата историја покажува дека дури и во претходниот систем имавме жени кои биле носители на клучни позиции. Некако во последните децении иако се вложува многу во еднаквоста и женската рамноправност сепак, како да назадуваме на овој план. Борбата за рамноправноста на жената се сведе на предрасуда дека потребно е жената да се заштитува, вели во разговро за „Локално“, пратеничката Ели Панова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, по повод Меѓународниот ден на жената, 8-ми март .

Според неа вистината е дека ниту една жена нема потреба да биде заштитена доколку сама упорно се согласува на своите позиции, појаснувајќи дека повеќе од половина жени со интелектуален капацитет, се држат самите себеси назад.

-Оттука нашата борба како жени активни во политиката не е протекционистичка, туку како прво ја гледам како борба за создавање на повеќе реални можности што повеќе жени да изградат сопствена кариера и да бидат релани носители на одлучувачки позиции, и како второ мотивациона. Да мотивираме што повеќе успешни жени да истапат напред и создаваат позитивни примери, само така ќе успееме, објаснува Панова.

Пратеничката смета дека позицијата на жената за да се подобри во нашето општество, пред се треба да се воспостави преку процесот со надминување на предрасудите и формирањето на личниот однос.

-Ние жените и мајки имаме задача да ги воспитуваме нашите синови дека жената е партнер во целиот животен процес, а не ,,само придружник”. Потребно е да ги воспитуваме нашите ќерки преку постојан личен пример дека доколку самите не се почитуваме не можеме да очекуваме почит од другите. Да не им дозволиме на ќерките да стојат назад и, да не им дозволиме на машките да толерират туѓа неправда и нееднаквост.Не може, за жал, да не се констатира дека историската форма на патријахалното општество има создадено кумулативен ефект кој не ретко може да се препознае и кај жени кои интелекуално се еманципирани дури изградиле своја совршена професионална кариера.Понатаму, особено важна е улогата на општеството во менувањето на средината во која живееме и нејзините правила и очекувања, надминување на шаблоните за однесување, како некаква репетиција на однесување кои може да значат и поддржување на предрасуди, смета таа.

Сериозна улога во ова антиципирање, според неа имаат невладините организации кои пројавуват посебно активна улога во заштитата на правата на жената, обуките и подигањето на јавната свест за еднаквоста на жената.

-Особено е засилена општествена акција за спречување и санирање на жените кои се жртви на родово базирано насилство. Во нашата средина сериозна улога и придонес во контекст на толеранција и почитување преземат и верските заедници каде исто така се работи за унапредување на меѓусебните односи. Оттука, се гордеам што мојата партија ВМРО-ДПМНЕ има сосема модерна и реална платформа за подобрување на позицијата на жената во Македонското општество. Токму затоа оваа година го имавме мотото Посилни од предрасудите, Конечно, нашата определба е дека државата е главниот двигател на целиот овој процес преку социјалните институции, образовниот пристап и особено правосудниот систем и затоа нашата задача како политичка партија е да бдееме над системот на државата кој ги има сите инструменти за навремена реакција и санација, објаснува Панова.

Пратеничката потенцира дека имплементацијата на Истанбулската конвенција во институциите е нашата определба за задачата што и е дадена на државата. Појаснувајќи дека таа е гаранција дека во новиот век нема да ни бидат секојдневие оние немили сцени на злоупотреба, насилство или мобинг на работно место, додавајќи дека иако владеачкото мнозинство идеолошки е опрделено со прогресивни тонови, поради недоволна агилност и неспособни кадри, според неа не успеало во реализација на многу од своите декларирани определби.

Панова смета дека државата е подготвена да има жена премиер.

-Во годините кои ги поминав градејќи се професионално и како политичар, сретнав многу сериозни жени, кадарни, спремни да одговорат на секој предизвик. Жени кои можат да застанат пред маса народ и да се справат со сериозни предизвици пред институциите кои ги водат, и го прават тоа природно не наметнато, не се таму само затоа што се жени, таму се нашле поради своите ненадминливи квалитети и самодоверба. Тоа е принципот на преферирање на личните способности. Се разбира, верувам дека Македонија може да има жена премиер, иако изборот е следство на реални околности и резултат на начинот на функционирање на нашиот систем, објаснува таа.

Според неа жената мора да излзе и јасно да го каже својот став, појаснувајќи дека голем број на жени оваа настрадале за време на здравствената криза.

-Протестниот Марш на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ покажа еден од вистинските начини на одбележување на овој празник. Жената мора да излезе и да проговори за својата положба. Колку од жените настрадаа во овие години на здравствената криза а продолжуват да се грижат за своите семејства со нарушено, ослабното здравје, колку од жените се жртви на економската криза поради затворените субјекти во стопанстовото, колку самохрани мајки се оставени сами да се борат за децата без кикаква помош од системот на државата во новосоздадента криза . Сетоа тоа е предмет на нашиот интерес и задача за надминување на новата состојба, вели пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додоавајќи дека за положбата на жената во нашето општество треба да ги научиме да се борат најпрво самите жени, а понатаму и сите општествени чинители.

-Бидејќи само оној што зима учество во настани има полна и вистинска идентификација со системот на вредности. И тој со својот личен пример може да биде реален градивен елемент на едно идно поинакво и современо општество во поглед на рамноправноста и еднаквоста. И повторно ние мора да го дадеме нашиот личен пример. На протестот за Осми март во Штип не само што беа присутни членови на општинските комитети и извршниот комитет, туку се обрати и претседателот Христијан Мицкоски, појаснува Панова.

Таа вели дека подароците за денот на жената 8ми Март се повеќе поминуват во втор план, не само затоа живееме во криза туку затоа што симболичното честитање не секогаш мора да вклучува аквизитивност и материјална вредност

-Средината во која живееме диктира одредени форми кои значат прифатливо и љубезно однесување. Го честитам Осми март на секоја жена. Не затоа што тоа означува завршена и заокружена заедничка борба, туку означува едно утврдено скалило, едно постигнување кое охрабрува на патот кон нови постигнувања.Подароците се повеќе поминуват во втор план, не само затоа што преживеавме здравствена и економска криза туку затоа што симболичното честитање не секогаш мора да вклучува аквизитивност и материјална вредност. Се разбира симболичните подароци понекогаш говорат многу повеќе и посилно од зборовите, вели пратеничка која додава дека нејзин стимул за успех во кариерата се нејзините деца и семејството.

-Обезбедувањето на здрава средина и иднина за нив и нивните врсници е нашата задача како генерација која треба да го трасира патот на иднината, вели Панова.

Б.М.

Слични содржини