Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со членството на Сојузот на здруженијата на пензионерите, на која се разговараше подетално за вредностите на новата методологија за раст на пензиите, која се реализира за континуирано обезбедување квалитетен животен стандард на сите категории граѓани.
Според Ковачевски, Владата во отворен дијалог го прифати моделот, кој Сојузот на здруженија на пензионери го предложи како нова методологија за континуиран раст на пензиите.
Методологијата е работена според швајцарскиот модел со кој усогласувањето на пензиите ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50%, и за просечна плата, исто така во висина од 50% и ќе започне да се применува без дополнителни одлагања, со септемвриската пензија годинава.
„Дополнително, обезбедивме и директна финансиска помош, и речиси 330 илјади пензионери ќе добијат по 1.000 денари плус со мартовската, априлската и пензијата во мај. Тоа се дополнителни 3.000 денари за овие три месеци, кои се исклучително добредојдени во овој период на продлабочена криза”, изјави премиерот Ковачевски по средбата оценувајќи ја соработката со Сојузот на здруженијата на пензионерите и останатите релевантни општествени чинители од голема важност за Владата, заради заедништвото во носењето на значајните одлуки.
Тој посочи дека, во 2022 година за 12 месеци, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус, односно просечно скоро 200 евра повеќе во домашниот буџет за истата година.
„Ова е историско и рекордно зголемување – пензионерите со просечна пензија која во моментот е 16.300 денари, по завршувањето на финансискиот пакет од по 1.000 денари за 3 месеци, а со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка”, рече Ковачевски, додавајќи дека согласно проекциите на крајот на 2022 година се очекува зголемување на просечната месечна пензија на околу 17.300 денари, споредено со крајот на 2021 година, кога во просек пензијата беше 15.876 денари.
Ова се случува во година кога имавме и едно од најголемите зголемувања на пензиите досега. Со последното усогласување од 2,9%, во јануари годинава пензионерите имаа зголемување од најмалку 460 денари, што значи дека оваа Влада докажа дека постојано и во континуитет се грижи за сите пензионери, кои во својот работен век придонесувале и вложувале во градењето на заедничката држава, да имаат услови за достоинствени пензионерски денови и пристоен и мирен живот.
„Граѓаните да бидат спокојни, пензискиот фонд е стабилен и тоа е резултат на добрите економски политики на Владата, успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви. Исто така, ова се должи на зголемената наплата и приходи од придонеси во 2021 година, од страна на УЈП како и на очекуваниот пораст на вработеноста и дополнителни приходи од придонеси”, порача Ковачевски додавајќи дека за речиси 330.000 пензионери е создаден квалитетен пензионерски систем и трајна и одржлива методологија којашто нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори.
„Сето ова, додаде Ковачевски, Владата го остварува без да ги зголеми стапките за пензиски придонеси, што значи дека нема да има дополнително оптоварување на бизнисот”.
Претседателката на Сојузот, на здруженијата на пензионери, Станка Трајкова во изјавата за медиумите изрази големо задоволство од остварениот дијалог и ја поздрави отворената и плодна соработка со Владата.
Таа додаде дека денешната средба ја искористиле и за разговори за други конструктивни предлози и прашања од интерес за пензионерите и истите со ресорните министри ќе бидат разгледани.
Премиерот Ковачевски ја искористи денешната средба, на ден пред 8 Март, на сите членки на Сојузот на здруженијата на пензионери, да им го честита Меѓународниот празник, истакнувајќи дека жените рамноправно и еднакво учествуваат во градењето на нашата држава.