Работодавачите бараат Владата да ги слуша проблемите на стопанствениците, а не да носи краткорочни и неефективни мерки

од Vladimir Zorba
405 прегледи

Организацијата на работодавачи смета дека средбата меѓу владините претставници и економско социјалниот совет на која треба да се донесат нови мерки за помош на граѓаните и стопанството од ценовните шокови, е задоцнета реакција. Истата според нив требаше да почне во исто време кога во собранието се изгласа измената на минималната плата. Апелираат да се реагира брзо, а евентуалните нови мерки да го следат текот на економските случувања.

„Мерките кои ќе бидат донесени од владата најмалку што треба е да бидат популистички. Нам ни требаат јасни, директни мерки кои ќе го олеснат функционирањето на компаниите. Можеби во делот на даночните олеснувања, субвенционирање на електричната енергија, инвестициско поддржување на компаниите. Владата мора да ги чуе проблемите на стопанството, а не да се раководи од краткорочни неефективни мерки“, вели Владанка Трајкоска од ОРМ.

По проблемите наметнати од енергетската криза, ковид пандемијата, високите цени на репроматеријалите и несигурната политичка ситуација, работодавачите вели Трајкоска за „Локално“, се соочуваат со најсериозниот предизвик досега, воената состојба во Украина која не само што ќе го стави под прашање идното работење на компаниите туку дополнително ќе ја поттикне инфлацијата и ќе донесе несигурна дистрибуција на деривати и електрична енергија.

„Мора да бидеме свесни дека компаниите во периодов се соочуваат со сериозни предизвици, или ќе опстанеме во наредниов период или голем дел од компаниите ќе објават мораториум на своето работење, а вработените ќе бидат на терет на државната каса. Ние како една економски мала територија ја чувствуваме секоја промена на економските текови во Европа, па така и оваа која и самите не знаеме каде ќе не одведе“, предупредува Трајкоска.

Трајкоска потсетува дека на седницата на ЕСС кога по долги преговори и натегања беше изгласана корекција на минималната плата, работодавачите отворено предупредија дека дефинирањето на минималната плата не треба да биде политичка одлука, туку истата треба да биде исклучиво економска завршница на вреднување на трудот на работниците.

„Кренатите раце за повисок минималец се само почеток на голготата која допрва ќе ја преживуваме“, вели Трајкоска за „Локално“, бидејки ќе ги направиме пресметките на платите со повисока дефинирана минимална плата, но прашање е вели таа дали ќе можеме да го ефектуираме сето тоа.

К.В.С.

Слични содржини