УЕФА размислува за големо проширување: Значително поголем број репрезентации ќе играат на ЕП уште во 2028 година?

од Vladimir Zorba
280 прегледи

Како да не и е доволно што две последователни ЕП има 24 репрезентации, УЕФА има план дополнително да го прошири најмасовното натпреварување под нејзина надлежност.

Англиските медиуми открија дека европската фудбалска централа сака 32 репрезентации да учествуваат во финалната смотра, почнувајќи од Европското првенство во 2028 година.

Засега овие планови на УЕФА не беа објавени во јавноста, но во вакви ситуации и онака многу порано почнува јавно да се шпекулира за тоа, односно преку одредени медиуми ќе се пуштаат пробни балони.

Евро 2028 би требало да се одржи во Велика Британија и Ирска, па не треба да чуди што оттука доаѓаат првите информации за можно проширување.

Тоа би можело да биде уште едно големо проширување за релативно краток временски период. Пред десет години Европско со 16 репрезентации се играше во Полска и Украина, а во 2016 година во Франција се одржа првиот собир со 24 земји учеснички. Истиот формат беше и за Евро 2020 (кое се играше летото 2021 година поради пандемијата на коронавирус), а исто толку репрезентации ќе настапат и на ЕП 2024, чиј домаќин ќе биде Германија.

Уште во 2028 година би можеле да имаме ЕП со 32 репрезентации, односно повеќе од половина од земјите под капата на УЕФА ќе добијат свое место на големото натпреварување (УЕФА има 55 членови).

Слични содржини