Еден од најлегендарните украински фудбалери Сергеј Ребров потврди дека се впушта во вооружениот конфликт и дека ќе ја брани својата татковина.
Ребров моментално е во Дубаи каде работи како тренер во Ал-Аин. Сепак, тој наскоро ќе се врати во Украина за да ја брани својата татковина, која се соочува со руска агресија.
Интересно е тоа што Ребров сака да се приклучи на одбраната на Украина откако ја освои титулата со Ал-Аин во Обединетите Арапски Емирати. До крајот на првенството остануваат уште три натпревари.
„Ќе одам да се борам. Сè се случува на улиците и ние сме обединети како народ. Светот се прашува како Украинците можат да го спасат својот народ. Само со излегување на улица, обединување и одбрана. Секако дека ќе земам оружје и ќе ја бранам Украина“, изјави Ребров за „Ириш Индипендент“.
Сепак тој мора да го почека крајот на сезоната со Ал-Аин.
„Имам работа овде и штом ќе заврши сезоната, си одам дома да бидам со моите луѓе. Штом ми дозволат, си одам дома. Сега не можам да зборувам за фудбал туку како да ја спасиме земјата“, додаде тој.
Славниот Украинец е еден од најдобрите фудбалери кои ги имала оваа земја. Тој доминираше во Динамо Киев, а потоа се пресели во Тотенхем за тогаш високи 11 милиони фунти. Покрај за тимот од Северен Лондон, тој настапуваше и за Вест Хем и забележа речиси 100 настапи во Премиер лигата.