Новата криза со Украина, како и секоја друга одма се одразува на ефикасната работа на превозните трговски друштва и нивната ликвидност затоа што вршат услуга – превоз на стока, ако застанат значи дека нема исполнување на својата основна дејност – непостои производ кој може да се чува на залиха за некои подобри времиња. Сите превози за и од Украина, Русија, Белорусија се откажани , а тоа значи дека останале без работа дел од превозниците кои вршат превоз на стока на овие дестинации од/за нашата и соседните држави, вели во изјава за „Локално“, Билјана Муратовска генерален секретар на МАКАМ-ТРАНС.
Таа потенцира дека во овој период асоцијацијата на превозници нема информации дека се вршат превози согласно алтернативни патишта за Русија и Белорусија , појаснувајќи дека доколку превозниците би возеле по друга рута за да стигнат до одредена дестинација тоа би значело зголемување на трошоците за превоз како и зголемување на цената на превозот.
-Дополнителен проблем е и кризата предизвикана со зголемените цени на нафтата и нафтените деривати и несигурноста која постои за обезбедување доволна количина на истите за непречено спроведување на договорениот превоз, подвлекува таа.
Муратовска вели дека во Украина нема запленети возила на превозници кои се членки на нивната асоцијација и дека на почетокот на воените активности имале еден превозник кој успешно со нивна асистенција успеал возилото да го изнесе од територија на Украина.
Во врска со случајот каде по речиси две недели чекање на границата меѓу Украина и Полска, возачите на валандовска фирма добиле дозвола да излезат од државата , меѓутоа без нивните камиони, Муратовска појаснува дека во оваа фаза на ваков проблем кој резултира со заплена на возилата и на стоката која е товарена на нив , единствено може да се надмине со дирекна интервенција на МНР дирекно до украинското министерство и нивната амбасада во Македонија.
-Бидејќи не се работи за прекршување на одредени забрани согласно законски прописи , туку коинциденција која се поклопи со воената состојва во Украина и Русија. Стоката која е во транзитен превоз низ територија на одредена држава согласно ЦМР конвенцијата е во сопственост на испраќачот, а тоа е македонски продавач и затоа несмее да има заплена на истата , а уште помалку на возилата кои се регистрирани во нашата држава. Во вакви случаи по писмено барање на испорачателот на стоката треба царинските органи на Украина да одобрат враќање на стоката во местото од каде била товарена во возилата, односно во Македонија, појаснува таа.
Б.М.