Соработниците на Груевски во судовите еден по еден признаваат вина, од ВМРО-ДПМНЕ молк

од Берта Китинска
212 прегледи

Соработниците на поранешниот премиер Никола Груевски по долг период на „влечење“ по судовите, конечно почнаа да признаваат вина за случаите за кои се товарат.

Вчера министерот за транспорт и врски од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески пред судот призна дека ја злоупотребил службената положба и овластувањата како министер, при спроведувањето на јавната набавка за 200 двокатни автобуси. Одбрано било да се купат автобуси од кинеска компанија која немала доставено банкарска гаранција за понудата и сертификат за квалитет, а ја одбиле бугарската фирма која била за 4,77 милиони евра пониска.

Пред десетина дена, Јанакиески, заедно со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и генералниот секретар Мартин Протуѓер, признаа вина и за случајот „Титаник“, односно дека од позиција на моќ противзаконски влијаеле на избирачкото право на граѓаните.

Високата функционерка на ВМРО ДПМНЕ и блиска соработничка на Груевски, Елизабета Чингаровски, прзина вина за незаконското финансирање на партијата ВМРО ДПМНЕ, случај познат како „Талир“. Таа призна дека во период од 2009 година до 2015 година, како власт, вршеле притисок врз фирмите што добивале државни тендери за да обезбедат готовина за партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ.

За виновни пред судот се изјаснија и советниците на ВМРО ДПМНЕ во Општина Центар, Томислав Лазаров и Јордан Ристевски, за случајот поврзан со насилството во општината, кога целата јавност слушна како Груевски дава инструкции по телефон некој од партиските симпатизери да му удри неколку шамари на тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.

Вина призна и обвинет во случајот за масовното прислушување „Таргет Тврдина“, случај за кој наскоро треба да има правосилна судска одлука.

По серијата признанија во судовите, владејачката СДСМ побара оставка од актуелниот претседател, Христијан Мицкоски, бидејќи во Извршниот комитет и во пратеничката група на оваа партија има лица кои се дел од судски процеси врзани со овие случаи, но и со многу други.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сепак молчат за неодамнешните признанија на нивни високи функционери, а од лидерот на партијата, кој доби „амин“ токму од поранешниот премиер Груевски да застане на чело на партијата, се уште јавноста нема чуено ниту збор за осуда или пак да преземе силни чекори во „искоренување“ на „расипаните јаболка“ во неговата партија.

Слични содржини