Ќорсокакот на македонската радикална десница

од Vladimir Zorba
972 прегледи

Со ерупцијата на војната во Украина, сведоци сме на екстаза на радикалните десничари на социјалните мрежи. Инспирирани од агресијата на Путин, овие маргиналци се чукаат во гради, убедени дека се на прагот на конечен триумф над „хомоглобалистичките соросоидни сатанисти” и воспоставување на авторитарниот путинизам како државен модел.

Нема дилема дека присуството на радикални десничарски организации на социјалните медиуми го засилува пробивот на овие идеологии во општеството. Изникнувањето на голем број вакви ентитети ја комплетира транзицијата на радикалната десница од тоа што го нарекуваме „фринџ” кон мејнстрим политиката, што се случува и на Запад. На страна што постои тешка иронија во омразата кон „фашистичкиот Запад”, кога ги копираат нивните трендови, ги користат нивните технологии и совршено го владеат нивниот (лингва франка) англиски јазик.

Првиот приоритет на сите радикални десничарски организации, исто како и на нивните еквиваленти на Западот, е освестување на народот за големата вистина, а таа е дека либералниот режим има малициозен план да им го промени културниот идентитет и да им го одземе доминантниот групен статус во општеството. Со ова, национализмот е комплементиран од популизам и теории на заговор, а со оглед на тоа што целните групи
на овие ентитети имаат психолошки предиспозиции да ги поврзуваат овие точки, тие стануваат лесен плен на таквите пораки.

Фаталниот дефект во целиот овој процес е што пленот веќе го има тој светоглед. Тој негов светоглед не се продлабочува со изложеноста на вакви дискурси, туку само се потврдува. И тоа потврдување не значи ниту кристализација на повисока свест, ниту посакуваната последователна мобилизација за политичка активност за преземање на власта и враќање на претходната состојба, што е конечната мисија на радикалнот десните ентитети. Ова е клучно, затоа што нивната цел е окрупнување во изборната арена и преземање на улогата на ВМРО-ДПМНЕ како носител на десничарската идеологија. Сепак, гледаме дека сите тие поединечно стагнираат.

Прво, тоа е затоа што се изникнати во голем број, што е очекувано кога агендата е набиена со национални прашања и однадвор и одвнатре. Меѓутоа кога има толку многу политички субјекти кои тврдат дека се легитимните претставници на тивкото мнозинство, на просечниот десничар му е тешко да одбере кој од нив е вистинскиот избор. Родина? Бојкотирам? Трета? ТМРО? Затоа, најсигурно му е да се држи до тоа што го знае – ВМРО. Тоа е суштината на конзервативноста, одбивност кон промена и еволуција, дури и во рамки на десничарството.

Тука е фундаменталното недоразбирање меѓу испраќачите и примачите на овие пораки. Меѓу нив има сериозна дискрепанца во поглед на политичката софистицираност и интерес. Ова е втората причина за таа стагнација на овие ентитети: тие се длабоко навлезени во радикалната идеологија, и со тоа нивните теории и комуникации стануваат премногу комплексни за просечниот десничар, чија идеологија се сведува на инстинктивни чувства на љубов за знамето, возбуда за химната итн., од една страна, и од друга, страв и омраза кон оние кои ги доживува како закана за неговото круто поимање на идентитетот – Албанци, Муслимани, Бугари итн.

Барањата на овие ентитети до нивните следачи, за активирање во насока на пораз на режимот се неконсистентни со самиот профил на просечниот десничар. Тој не сака да учествува во движења, сака само некој одозгора да му го сервира неговото идеално општество. Ако таков нема, само катартично ќе се истура на социјалните мрежи и ништо повеќе.

Затоа ваквите групи имаат лимитиран потенцијал без разлика на нивните напори. Тие и понатаму ќе собираат лајкови и ќе даваат легитимитет на радикалната десна идеологија, но како организации нема да можат да ја артикулираат таа идеологија во изборната арена. Тоа може единствено да го направи ВМРО-ДПМНЕ ако повторно се радикализира, или Левица, ако целосно ги отфрли левичарските идеи.

Ниту една од овие две опции не е возможна. ВМРО е естаблишментска партија, длабоко поврзана со меѓународниот фактор, кој строго ја дисциплинираше по авантурата на груевизмот. Како естаблишментска партија, нејзе целта не и е да го врати националното достоинство, туку единствено да ја приграби власта, и да ужива во привилегиите на таа власт. Затоа и нема да игра на радикалната карта за побрзо да дојде на власт, туку ќе чека СДСМ да еродира целосно, за потоа да ја одржува стабилитократијата со амин од меѓународната.

Левица има нешто поискрени идеали, колку и да се тие заблудени и налудничави. Целокупните интелектуално-стратешки ресурси на партијата се посветени на премостувањето на социјалистичката идеја (или барем нејзината советска форма) и национализмот, дискурсивно спакуван како „патриотизам”. Ваквиот пристап, комбиниран со вешта примена на популистичките алатки, донекаде носи раст, но суштинската некомпатибилност на левите и десните позиции го прави тој раст недоволен за освојување на власта.

На Левица и е потребно мнозинство од народот кој ги обвинува „комуњарите” дека им ја забраниле црквата, дополнително индоктриниран од неолибералните постулати за светоста на приватната сопственост, и со трауми од идејата за експропријација. Со оглед на тоа што тоа мнозинство е недостижно, радикалната десница едноставно нема пат до власт. Што е тотален дебакл за неа, земајќи ги во предвид националистичките тенденции на Македонците.

Накратко, радикалната десница е збирштина на дилетанти кои дури и во совршени услови се неспособни да создадат движење за инсталација на фашистички режим. Фала богу, бидејќи во спротивно, тие што денеска произволно се расфрлаат со тој поим конечно ќе дознаат на своја кожа што тој навистина значи. И нема да им биде пријатно, како што не би им бил пријатен ниту светот во кој секој националистички лидер ги оправа сопствените криви дрини, на начинот на кој тоа го прават Русија и Украина.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини