На РУСИЈА од денеска ѝ е забранет пристапот до Инстаграм, социјална мрежа во сопственост на американскиот технолошки гигант „Мета“, откако компанијата на Марк Закерберг дозволил „говор на омраза и повици за насилство против Русија поради конфликтот во Украина“. Не беше возможно повторно да се вчита апликацијата во понеделник наутро, пристапот до страницата не е можен без ВПН, објавија новинарите на „АФП“.
Рускиот телекомуникациски регулатор „Роскомнадзор“ го стави Инстаграм на листата на „ограничени“ страници, а истата судбина ја доживеаја и Фејсбук и Твитер. Пред три дена Мета објави дека Фејсбук и Инстаграм ќе им дозволат на своите корисници во некои земји да повикуваат на насилство против Владимир Путин и руските војници.
Од Мета велат дека привремено го дозволиле она што инаку би се окарактеризирало како говор на омраза, како што е изразот „смрт за руските окупатори“, а кој инаку би ги прекршил правилата на овие социјални мрежи.
Како одговор на тој потег, Русија ги повика САД да ги сопре „екстремистичките активности“ на оваа компанија. Соопштението дојде откако Ројтерс ги објави интерните пораки на Мета во кои се истакнува промената во политиката на компанијата.
„Во светло на инвазијата на Украина, направивме привремен исклучок од правилото за сите погодени од војната да ги изразат своите чувства кон окупаторските воени сили“, изјави портпаролот на Мета за Би-Би-Си. Според новата регулатива, на корисниците во Русија, Украина и Полска ќе им биде дозволено да се повикаат на смртта на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко.
Се додава дека таквите публикации нема да бидат забранети доколку не содржат други цели или вклучуваат локации или методи. Повиците за насилство ќе бидат дозволени и во објави кои јасно се однесуваат на инвазијата на Украина. На оваа вест на Твитер реагираше и руската амбасада во Америка.
„Ги повикуваме американските власти да ги прекинат овие екстремистички активности на Мета и да преземат чекори за казнување на прекршителите. Корисниците на Фејсбук и Инстаграм им дадоа на сопствениците на платформата право да поставуваат критериуми за вистината и да ги поттикнуваат народите еден против друг“, соопшти амбасадата.