Костадиновска-Стојчевска за „Локално”: Украинците ги засолнуваат делата на руски сликари од руските бомби

од Маја Анчевска
452 прегледи

Концертот на Руски романси, кој беше најавен за 4 март во фоајето на Националната опера и балет, беше одложен во договор со организаторот. Заеднички проценивме, рековме дека концертот го оставаме за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана, вели во разговор за „Локално“, министерката за култура,  Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Реакциите на тие што се против оваа одлука, министерката вели дека  не биле многубројни.

– Да бидам искрена, далеку помногубројни беа прашањата – до руски романси ли ви е дојдено, дали е тоа вашиот став кон руската агресија?! Тие реакции покажуваа поделеност, а тоа не е смислата на уметноста. Во тој миг на поларизираност, ние ја „засолнивме“ уметноста од негативни емоции, вели таа.

Според  Костадиновска – Стојчевска сега е навистина поинаку иако случувањата во Украина некои ги нарекоа почеток на Втората студена војна.

– Тажно е и страшно што оваа тема „оживеа“ во 21 век, а мислевме дека Студената војна ќе остане длабоко во минатото. Тогаш руските уметници не беа забранувани од Западот туку строго контролирани од Истокот. Токму тие турнеи ги искористија неколку славни и големи имиња од руската уметност за да пребегнат и да ги продолжат своите кариери во театрите во Лондон, Њујорк, Париз, Виена  како што се: Александар Годунов, Наталија Маркова, Валери Панов, Рудолф Нуреев, Михаил Баришников,  ги собраа аплаузите на сцените на најпрестижните театри во светот. Некои од нив станаа и директори на тие театри. Москва ги сметаше за „дезертери“. САД, Велика Британија, ЕУ и уште десетици земји во светот сега воведоа санкции кон Русија. За жал, во списокот на санкциите се најде и уметноста, смета министерката.

Министерката смета дека има уметници кои се повлекле во името на официјална Москва, но има и такви кои останаале без работа  во Москва.

– Никој, здраворазумен, не може да ја оспори светската вредност на руската култура и уметност.  Освен гласот „против“ на Елена Ковалскаја, директорка на московскиот државен театар која поднесе оставка во знак на протест, и оставката на главниот диригент на „Бољшој“ и на Националниот оркестар во Тулуз, Туган Сохиев, како што самиот наведе „поради притисокот за невозможен избор“ и со осуда на секаков конфликт, до нас слабо допира гласот на руските уметници, глас од името на Толстој, Достоевски, Шолохов, Чајковски, Пушкин, Есенин, Горки, Лермонтов, Корсаков, Рахманинов, Шостакович, Гогољ, Мајаковски, Чехов…. Ако се замолчени, тогаш има ли поголема забрана за културата, потенцира, таа.

Венециското биенале, според информациите, министерката тврди дека ќе соработува со оние руски уметници што не соработуваат со Владата во Кремљ, на уметниците кои ја осудуваат агресијата им се отворени вратите за соработка во земјата. Но, истата судбина ја делат и останатите уметници  во светот  поради војната агресија.

– Ројал опера хаус (Royal Opera House) го откажа гостувањето на балетот „Бољшој“, откажани се уште два културни настана. Филмскиот фестивал во Глазгов откажал емитување на два филма. Театар во Даблин го откажал изведувањето на „Лебедово езеро” на Театарот „Бољшој“. Според информациите со кои располагам, и во Грција, со одлука на Министерството за култура, суспендирана е културната соработка. Во Полска се откажани руски културни настани, а Министерството за култура и национално наследство им препорачало на културните институции да се воздржат од каква било соработка со претставници на културниот свет на Руската Федерација. И Романија, Чешка и Португалија ги откажале сите руски културни настани. Австрија ги откажа настапите на руската оперска дива Ана Нетребко. Во Данска сите руски културни манифестации и спортски настани се бојкотираат од страна на данските граѓани. Имаат и одлука да се одземат признанијата што Италија ги дала на руски познати личности. Во Германија, диригент и пијанистка добиле отказ зашто не се дистанцирале од политиката на Путин. Холандските културни институции ја прекинуваат соработката и откажуваат настапи на руски уметници. Тоа се случува и во Шпанија. Норвешка воопшто и не планирала културни настани во соработка со руски уметници. Во Албанија постои одлука земјата да не се вклучува во спортски и во културни настани со Русија. Бугарија  препорачала  некои веќе договорени руски настапи да се одложат, информира министерката.

Костадиновска – Стојчевска смета  дека никој нема намера да ги запали делата на врвните руски мајстори.

– Во Музејот на уметноста во Харков, Украинците ги засолнуваат делата на врвни руски сликари од руските бомби. И самите тие велат, каква иронија. Да биде иронијата уште поголема, никој не праша каде настапуваат украинските уметници во моментов?! За жал, завесата е спуштена. Искрено се надевам дека не е „железна“, заклучува министерката.

M.A.

 

 

Слични содржини