„Касперски“ долго време се смета за една од најдобрите алтернативи за заштита од вируси во светот. Меѓутоа, со почетокот на руската инвазија на Украина, компанијата е заробена меѓу фронтовите.
Федералната служба за безбедност на информатичката технологија на Германија (БСИ) предупреди на опасност од користење на антивирусната програма на рускиот производител „Касперски“.
Германската служба им препорача на своите граѓани да најдат алтернативни решенија.
Според соопштението на „БСИ“, постои значителен ризик од ИТ напади од Русија кај програмата „Касперски“, а корисниците би можеле да станат жртви на сајбер шпионажа.
Тие додаваат дека компаниите и другите организации треба да планираат и имплементираат замена на основните компоненти на нивната ИТ безбедносна инфраструктура.
„Касперски„ тврди дека зад препораката стојат политички мотиви.
„Мотивите за давање таква препорака не се проценка на квалитетот на производите на Kасперски, туку политички мотивирани причини“, велат од компанијата.
Додадоа дека ќе продолжат да го подобруваат и зачувуваат нивниот квалитет и интегритет, како и дека ќе продолжат да соработуваат со БСИ за да добијат детално објаснување за донесување на оваа одлука.
„Нашата инфраструктура беше преместена во Швајцарија во 2018 година. Овие центри за податоци се одржуваат според највисоките светски стандарди со цел да се обезбеди највисоко ниво на безбедност. Нашата работа е целосно транспарентна. Оваа одлука е политичка, а Касперски нема никаква врска со руски или која било друга влада во светот“, се вели во соопштението на компанијата.