Хрватски воен аналитичар за „Локално“: Доколку дронот го погодеше Брисел или Берлин, тогаш НАТО и Европа поинаку ќе реагираа

од Nikola Popovski
623 прегледи

Случајот со уривањето на советскиот дрон во Загреб припаѓа на доменот на класичната воена непредвидливост. Колку што луѓето мислат дека се заштитени со цврсти и технолошки напредни одбранбени системи, како „чадорот на НАТО“ и слични идеолошки и бирократски грешки, опасностите секогаш зависат од живиот човек и обичен случај, а понекогаш и од нереалното потпирање на модерната технологија.

Во обид да дознаеме повеќе за урнатиот дрон, „Локално“ го контактираше хрватскиот воен аналитичар Марио Галиќ. Тој во разговор за нашата редакција вели дека во секој случај тоа е лоша реакција на НАТО.

-Ако радарите на Романија и Унгарија веќе не успеаја да откријат и следат крстаречка ракета (иако извидувачки), тогаш летечките радари на НАТО што кружеа над Полска и Романија мораа да го откријат тоа. Тие секако го откриле и го следеле, но немало соодветна реакција. Каде? Тешко е да се каже. Но, во секој случај, интегрираната воздушна одбрана на НАТО потфрли, смета Галиќ.

Според него, можно е целта на дронот да биде проверка на надзорот и заштитата на воздушниот простор.

-Иако е можно тоа да била нечија порака до членките на НАТО – еве што можеме да ви направиме со крстаречка ракета базирана на технологии од 1970-тите. Да не зборуваме за најсовремени крстосувачки проектили, од кои некои летаат со 3.000 или повеќе километри на час, информира аналитичарот.

Галиќ смета дека проектилот намерно бил испратен да го погоди Загреб како главен град на една од членките на НАТО.

-Дали проектилот бил вооружен или не, во моментов е едно од „најжешките“ политички прашања во Хрватска. Според мене, сигурно не, оти ако беше тогаш немаше да остане ништо од него. Со оглед на тоа што беа извлечени многу големи парчиња од леталото, очигледно е дека тој не бил вооружен со авионска бомба или нешто слично, појаснува воениот аналитичар.

На прашањето дали дронот има „руски потпис“, Галиќ вели дека засега е невозможно да се одговори со сигурност на тоа прашање.

-НАТО има записи од летечки радари кои тој ден биле над Полска и Романија и сигурно веќе знаат од каде е лансирана ракетата. Сепак, останува прашањето како да се реагира без да се предизвика уште поголема штета. Доколку проектилот го погодеше, да речеме, Брисел или Берлин, тогаш политичката реакција на НАТО и Европа сигурно ќе беше значително поинаква. Но, тоа не е таква. Проектилот падна во Загреб, со што се отвора можност сега сите да се „прават будали“, оценува аналитичарот.

Тој смета дека очигледно никој во НАТО не реагирал соодветно.

-Вклучувајќи ги Романија и Унгарија. За време на летот над Унгарија, проектилот прелетал веднаш до една од нивните нуклеарни централи, а тие не реагираа. Веројатно затоа што не го ни забележале на радарот, наведува Галиќ и смета дека некој треба да поднесе одговорност.

-Смените се секогаш пожелни затоа што во спротивно луѓето чувствуваат дека се недопирливи. Меѓутоа, во овој случај тешко дека ќе има некаква „чистка“. Од политички причини сите би сакале што поскоро да го заборават случајот, а смените по вертикала и хоризонтала само би го вратиле на насловните страници.

На прашањето како ја коментира изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека доколку ваков дрон се појави на нивна територија, српската воздухопловна одбрана би го срушила за 5 минути, Галиќ кратко прокоментира „да сме живи и здрави“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера од Брисел изјави дека досегашните индиции покажуваат дека дронот што се урнал во Загреб не бил вооружен и дека не се работи за вооружен напад.

„Според информациите со кои располагаме, ова не е намерен напад, но и таквите случаи се опасни, па затоа имаме зголемен надзор“, изјави Столтенберг.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ веднш го демантираше Столтенберг.

„Дронот беше вооружен“, рече Пленковиќ на прес-конференција во Загреб, а како доказ на новинарите им покажа фотографии на кои, како што наведе, се гледаат делови од бомба.

„Тоа летало, со оглед на тоа што има голема конфузија, мораме да ги растераме и елиминираме сите можни неточни информации, носеше експлозив“, нагласи хрватскиот премиер.

Фото: Zeljko Hladika/PIXSELL

Н.П.

Слични содржини