Кој е Рамзан Кадиров – лојален војник на Кремљ кој ѝ се заканува на Украина

од Nikola Popovski
440 прегледи

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров наводно отпатувал за Украина, каде што членовите на неговите сили се борат заедно со руската армија. Чеченските паравоени единици се сметаат за едни од најбруталните во светот, а во минатото биле распоредени во источна Украина и Сирија. Кадиров е лидер на Чеченската Република, која се наоѓа во границите на Руската Федерација, а де факто стекна независност по Првата чеченска војна во 1996 година.

Како лојален војник на Кремљ, Кадиров претходно истакна дека е време да се окупира Украина. Неговите пораки до Путин јасно ставија до знаење дека тој е подготвен да оди во Украина и дека се чека само наредба.

„Ќе биде брзо, ефикасно, другар претседателе. Само издадете наредба“, му рекол Кадир на рускиот претседател. Познат по својата паравоена формација и владеењето на „цврстата рака“ што го практикува во Чеченија, Кадиров низ годините се етаблира како личност која е подготвена да ѝ помогне на Русија кога ќе има потреба, а потребата се појави поради војната во Украина.

Власт која се пренесува од колено на колено

Кадиров го наследи својот татко Ахмад на чело на Чеченската Република. Во Првата чеченска војна, која траеше од 1994 до 1996 година, постариот Кадиров се бореше за независност на Чеченија и против Русија. Сепак, тој подоцна ја смени страната и се позиционираше со Владимир Путин, кој во тоа време сè уште беше претседател на Русија.

Рамзан и Ахмад Кадиров цврсто застанаа со Русија за време на Втората чеченска војна (од 1999 до 2009 година) и на тој начин им се докажаа на тамошните власти.

Ахмад Кадиров беше убиен во 2004 година, а неговиот син Рамзан стана претседател на Чеченската Република три години подоцна.

Кој е Рамзан Кадиров?

Член на Путиновата Единствена Русија и очигледно близок соработник на рускиот претседател во Чеченската Република, тој владее на принципот на култот на личноста.

Според извештаите на независните руски медиуми, во Чеченија постои концентрационен логор за членови на ЛГБТК популацијата.

Еден од логорите наводно бил сместен во поранешниот воен штаб во градот Аргун, но чеченскиот режим го негираше постоењето на такви кампови.

Како дел од „грижата за семејството“, Кадиров оцени дека разводите се причина за многу државни проблеми, па почна програма за помирување.

„Мораме да ги разбудиме луѓето, мора да им објасниме. Мораме да ги вратиме жените кои ги напуштиле своите сопрузи и да ги споиме. Тоа е приоритет“, објасни Кадиров, кој смета дека децата кои растат во разведени семејства се повеќе склони на тероризмот.

Самиот Кадиров многупати бил фатен во присуство на проститутки, но сепак тврди дека семејството е најважното нешто на светот, додека неговите наводни измами се „чиста местенка“.

Чеченска репресија

Под железната тупаница на Кадиров често се појавуваа неговите неистомисленици, активисти за човекови права и новинари кои се обидуваа да известуваат од Чеченија. Многумина мистериозно исчезнаа, додека други повеќе не зборуваат за неговиот режим.

За време на неговото владеење сите кампови со бегалци беа затворени бидејќи ги означи како шпиони на други земји кои сакаат да ги дознаат тајните на Чеченската република, но и на неговиот однос со Владимир Путин.

Игра на тронови

Рамзан Кадиров одржа говор по повод Денот на Уставот во регионот на Северен Кавказ во март 2019 година, кога ја спореди турбулентната историја на тој регион во 1990-тите и раните 2000-ти со популарната телевизиска серија „Игра на тронови“.

Тој ја опиша Чеченија како растргната меѓу „ограбувачите“ и „кралствата“ кои беа едно зад друго за време на краткиот период на де факто независност од Русија и го пофали неговиот татко Ахмад Кадиров, за кој тврди дека успеал да воведе ред од хаосот.

„Ако воспитувачите од градинка од почетокот потрошат една, две, три или дури пет минути опишувајќи го патот по кој тргнавме до она што го имаме сега, тогаш ќе разбереме“, рече Кадиров, а неговите зборови набрзо станаа реалност во Чеченија.

Биографијата на Ахмад Кадиров, насловена „Патот облеан во светлина“, сега е задолжителна лектира за чеченските средношколци како „дополнителен материјал за изучување на руската историја“.

„Можеме да го земеме Киев“

Кога започна војната во Украина, Кадиров го најави доаѓањето на Чеченците во таа земја и ги повика Украинците да ја соборат нивната влада.

Во видеото објавено на интернет, Кадиров се пофали дека чеченските единици досега немале жртви и рече дека руските сили лесно можат да ги освојат големите украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Набргу потоа, портпаролот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина изјави дека чеченските специјални сили се обиделе да го убијат украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Станува збор за таканаречените „кадировци“, припаднци на елитниот одред на чеченската паравоена војска, а Украинците успеале да ги спречат по дојавата што ја добиле ни помалку ни повеќе туку од руската ФСБ.

Слични содржини