Ако некој мисли дека ние сме требале да газиме по нашите црвени линии за некој да биде задоволен со датум, тоа не е нашиот став, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Некој друг тоа може да го направи, но ние ќе се држиме до нашите позиции во Парламентот и поважни ни се овие принципи отколку еден ден повеќе или побрзо, кажа Османи.
Шефот на македонската дипломатија рече дека европретставникот Жозеп Борел не е одговорен за проширувањето во Европската Унија и не може од него да се очекува да даде ветување за датум, но дека неговата посета на земјава е значајна.
– И вчера кажав дека Борел не е одговорен за проширувањето во Европската Унија. Одлуките за отпочнување на преговори и за проширување се носат од страна на 27-те земји членки, така што апсолутно сметам дека Борел со неговата посета на Скопје, како прва дестинација со цел да ја поздрави хармонизацијата на нашата надворешна политика со таа на Европската Унија, беше исклучително важна, но од него не треба да се очекува да даде ветување. Ние имаме преземена обврска од 26 земји членки и имаме отворено прашање со Република Бугарија со која се обидуваме да го надминеме – рече Османи.