Две компании странски инвеститори во земјава побарале од Дирекцијата за технолошки индустриски зони (ТИРЗ) во Македонија да ги префлат капацитетите кои ги имаат во Украина, информира Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата.
Станува збор за две поголеми компании во земјава, а потребата да се префрлаат објектите е поради воениот конфликт во оваа источноевропска земја. Не е дефинитивно утврдено дали тоа ќе се случи, но веќе се бараат начини како евентуално би се реализирало префрлувањето, односно се бараат локации за новите капацитети и опции за функционирањето на фирмите.
Деспотовски информираше дека ако дојде до тоа, Македонија ќе направи се за да им излезе во пресрет. Иако, како што вели, не треба да се радуваме на вакви ситуации, тоа ќе значи и отворање на нови вработувања во земјава. Поради украинската криза има најави и за други вложувања од компании кои имале план да се прошируваат таму, па сега ги менуваат плановите.
„Менаџер на компанија од САД доаѓа на почетокот на април на средба овде за евентуална реализација на инвестиција во Македонија. Станува збор за сериозна компанија која сака да инвестира во овој регион. Ние имаме планови за развој на зоната во Гевгелија која ќе биде зелена зона, додека се размислува индустриската зона Скопје 3 да биде зона која ќе вклучува инвестиции од исклучиво висока технологија, изјави Деспотовски.
Тој информираше дека се чекаат податоците од годишните сметки на компаниите во зоните, но првичните сознанија се дека просечната плата исплатена таму да е повисока од просекот во државата.