Медведев ги уверува Русите: Нема да дојде до економски колапс

од Vladimir Zorba
271 прегледи

Рускиот заменик-претседател на Советот за безбедност Дмитриј Медведев во саботата изјави дека руската економија никогаш нема да пропадне поради санкциите, пренесе ТАСС.

„Ги имаме сите можности за сопствен развој. Претходните санкции ни беа многу корисни, принудувајќи нè да развиеме замени за увезените стоки во сите сектори, вклучително и научно-интензивните, за да развиеме нови технологии, производи и лекови“, напиша Медведев во Телеграм.

Тој додаде дека Владата веќе донела мерки за помош на граѓаните и стопанството – социјални бенефиции, дополнителни средства за високотехнолошкиот сектор, земјоделството, банкарскиот сектор.

Посочи дека нема да има економски колапс и рече дека Русија има многу сигурни партнери не само на постсоветскиот простор, туку и во Кина, Југоисточна Азија и африканските земји.

„Тоа е огромен, перспективен пазар, не толку поделен како Европа. Резултатите од ова партнерство и соработка се сосема евидентни“, заклучи Медведев.