Литовски: Бугарија не се стреми кон компромис, туку кон капитулација на Македонија

од Маја Анчевска
620 прегледи

Не мислам дека постои желба за компромис од бугарска страна. Нивната собраниска декларација има такви антимакедонски позиции кои значат барање за целосна капитулација на Македонија и самоукинување на Македонците како одделен национален индивидуалитет. Со оглед дека европската бирократија од Брисел ги поддржува бугарските антицивилизациски барања, мислам дека нема простор за било каков компромис. Едноставно кажано, Македонија мора да бара други алтернативи, вели во разговор за „Локално“, д-р Александар Литовски,  секретар  на Одделението за историско-географски науки при Македонското научно друштво од Битола.

Желбата за власт на Русија и ултиматуми зададени на украинците според Литовски не се воопшто исти со македонско-бугарскиот однос.

– Не, тоа не наликува на „македонскиот случај“, затоа што Бугарија не се стреми кон „компромис“, туку кон целосна капитулација на Македонија и Македонците, вели тој.

Според него избрзани одлуки не само што не носат квалитетно решение, туку носат катастрофално лоши резултати, кои што во наредните децении ќе имаат негативни, антимакедонски реперкусии на сите полиња од македонскиот развој и ќе не влечат наназад.

– Впрочем, било кое решение во сегашнава ситуација нема да биде „конечно“ со оглед дека Бугарија, како што декларираа нејзините политичари, ќе има можност да испорачува нови уцени и да води нови антимакедонски кампањи за време на целиот долготраен процес за полноправно членство во ЕУ. Затоа, потребно е Македонија да не влета во стапицата билатералните разговори да станат дел од преговорите со ЕУ, да не дозволи постојниот договор за Добрососедство од 2017 година да се проширува со нови бугарски барања и „анекси“, да бара целосна рамноправност во процесот на разговори со Бугарија и да инсистира на придржување на принципот на реципроцитет за сите договорени решенија меѓу двете земји. Или, наспроти тоа, еднострано да ги „замрзне“ преговорите се’ дотогаш додека ваквите цивилизациски оправдани барања не бидат прифатени, смета Литовски.

Во време на војна смета дека тешко може да се детектираат вистинските цели на завојуваните страни, а историски погледнато, војните секогаш имале постигнување на различни економски, политички, геостратегиски и безбедносни цели и придобивки.

– Сосема е извесно дека и во оваа војна меѓу Русија и Украина е истата ситуација.  Светот веројатно ќе се движи од униполарен кон мултиполарен. Динамиката на таквите процеси ќе зависи од многу фактори. Војната отсекогаш ги забрзувала општествено-политичките процеси на едно глобано ниво. Секако, ваквите процеси нужно ќе имаат влијание и на Балканот и на македонската надворешно политичка ориентација, заклучува тој, додавајќи дека во време на конфликт на воено најмоќните земји во светот, секој збор, секој потег, секоја акција, од било која страна, ги заострува односите помеѓу „завојуваните“ страни.

M.A.