Британскиот министер за здравство Саџид Џавид во понеделникот за Би-Би-Си ја коментираше ситуацијата во Украина, велејќи дека Западот мора да биде реален за тоа каде одат работите во моментов.
„Се плашам дека работите ќе станат многу погрди ако не најдеме начин да ги ограничиме Русија и Путин во овој момент. Се чини дека на Русите не може да им се верува, особено на претседателот Путин, за кој знаеме дека е компулсивен лажго. Знаеме дека му е тешко да ја одвои фикцијата од фактите“, рече Џавид.
Тој додаде дека од сопственото искуство, од времето кога бил вклучен во нападот во Солсбери со нелегално хемиско оружје, знае дека Русите цело време лажеле.
Британскиот премиер Борис Џонсон пред неколку дена ја спореди борбата на Украинците со „Брегзит“ и затоа беше гласно критикуван.
Џавид рече: „Џонсон зборуваше за општата желба на луѓето, без разлика кои се, каде живеат, за самоопределување. Тој не се обиде да ја поврзе ситуацијата во Украина со онаа во Обединетото Кралство“, смета министерот за здравство.