Кремљ соопшти дека ембаргото на руската нафта тешко ќе ја погоди Европа, но нема да влијае на САД, како одговор на сугестиите на некои министри за надворешни работи на ЕУ да воведат ембарго на нафта како дел од дополнителните санкции кон Русија.
Евентуалното европско ембарго на руската нафта би го погодило „целиот свет“, предупреди Кремљ.
„Таквото ембарго би имало многу сериозно влијание врз светскиот пазар на нафта, штетно влијание врз енергетскиот пазар во Европа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Очигледно Американците не би изгубиле ништо тука, нивната позиција би била подобра од европската“, рече тој на прес-конференција. „Ваквата одлука би влијаела на целиот свет“, рече Песков.
Министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ треба да се состанат подоцна во понеделник за да разговараат за новите санкции против Москва.
Од почетокот на руската агресија на 24 февруари, ЕУ веќе воведе неколку рунди санкции против Москва насочени кон компании, банки, високи функционери, олигарси и го забрани извозот на стоки во Русија.
Европскиот увоз на руска енергија досега беше поштеден од санкции бидејќи Европејците во голема мера зависат од руската нафта и гас. Германија беше особено критикувана поради тоа што се спротивстави на сегашното ембарго на руските јаглеводороди од кои нејзината економија е силно зависна.