Дејвид Бекам и го дал својот профил на Инстаграм на една украинска лекарка за да може таа да каже во какви услови работат во болницата во Харков и што се случува со пациентите пред голема публика, како што се неговите следбеници – 71,6 милиони.
Ирина, која е шеф на регионалниот перинатален центар и педијатриски анестезиолог, објави фотографии од центарот како „стори“ на профилот на поранешниот фудбалер на „Манчестер Јунајтед“, „Реал Мадрид“, пренесе „Скај њуз“.
Таа ги покажа своите колеги кои лекуваат новородени бебиња, сподели фотографии од подрумот каде што пациентите беа преместени на почетокот на војната и се заблагодари за опремата донирана од УНИЦЕФ, добротворна организација чиј амбасадор е Бекам.
Ирина рече дека на првиот ден од војната бремените жени и мајките биле „евакуирани во подрумот“.
„Беа ужасни три часа заедно долу. За жал, не можеме да ги однесеме бебињата во подрумот, бидејќи тие се на одделот за интензивна нега, каде што се потпираат на опрема за спасување живот“, рече таа.
„Првите денови беа најтешки. Моравме да научиме како да работиме за време на бомбардирањето. Лекарите и медицинските сестри работат 24 часа на ден, 7 дена во неделата“.
Докторката рече дека во објектот престојува цел ден и покрај извршувањето на должноста раководител на центарот, работи и како педијатриски анестезиолог, логистика и нуди емоционална поддршка на пациентите.
Ирина ги покажа Јана и нејзиниот син Михаил, кој е роден на вториот ден од војната со проблеми со дишењето.
„Сега е подобро, но семејната куќа е уништена и не можат да се вратат“, рече таа. Додаде дека УНИЦЕФ испорачува медицински материјали за Украина со години.
Iryna, who is the head of the regional perinatal centre and a child anesthesiologist, showed doctors treating newborn babies, shared images of the basement where patients were moved during the start of the war https://t.co/cWk8RvRDRc
— Sky News (@SkyNews) March 20, 2022
Од почетокот на војната, североисточниот град Харков е едно од местата на тешки борби меѓу украинските и руските сили. Битката за градот беше опишана како една од најсмртоносните во инвазијата, а советникот на украинскиот претседател ја нарече „Сталинград на 21 век“.
Откако започна војната во Украина, Бекам, косопственик на Интер Мајами ФК и косопственик на Салфорд Сити, напиша многу публикации за влијанието на конфликтот врз децата.
„Ситуацијата во Украина е погубна и ужасна за нејзиниот народ. Како родител, ми се крши срцето да гледам што се случува со невините деца кои сега живеат во воена зона“, напиша тој на 27-ми февруари.
Во друга публикација од 11 март, Бекам рече: „Повеќе од 1 милион украински деца станаа бегалци во последните две недели. Голема благодарност до сите што донираа за УНИЦЕФ“.