ЕУ формира армија од 5.000 војници

од Nikola Popovski
252 прегледи

Министрите за надворешни работи и за одбрана на членките на Европската унија денеска договорија нова безбедносна стратегија: Формирање на „Сили за брза реакција“ на ЕУ со 5.000 војници, кои би биле подготвени за брзо распоредување во кризни ситуации.

„Водич за дејствуваше“. Шефот на европската дипломатија и безбедност, Жозеп Борел, вака го нарече документот со кој се утврдува оваа безбедносна и одбранбена стратегија на Европската унија, која треба да се реализира до 2030 година.

Борел, како што вели, смета дека заканите растат, и дека „цената на неделувањето е јасна“.

Најголем дел од силите на ЕУ ќе ги обезбеди Германија во 2025 година (кога овие сили на ЕУ треба да станат целосно оперативни), вети денеска во Брисел германската министерка за одбрана Кристин Лабрехт.

„Европската унија треба да биде способна да ги заштити своите граѓани и да придонесе за меѓународниот мир и безбедност“, се вели во соопштението на ЕУ. „Ова е уште поважно во време кога војната се врати во Европа, по неоправданата и непредизвикана руска агресија против Украина, како и големите геополитички промени“.

Ројтерс посочува дека работата на оваа стратегија започна во 2020 година, пред почетокот на пандемијата на коронавирус, и дека лидерите на ЕУ се очекува да потпишат конечно одобрување на оваа стратегија оваа недела на самитот во Брисел.

Фото: Ariadne Kypriadi