Владата администрирана од Ковачевски декларативно зборува за штедење, а во реалноста безмилосно троши народни пари. Среде тешка криза, за која знаеле дека ќе се случува уште од ноември, тие трошат 8,3 милиони евра за изградба на нова зграда на Агенцијата за храна и ветерина. Како да дошло баш сега времето да се трошат пари за нова зграда за агенција за храна, кога половина од населението едвај врзува крај со крај и речиси целите плати ги дава за храна, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Според партијата, „зачудува фактот како со леснотија се одвојуваат милиони евра за изградба на административни згради за институции во оваа криза, а не се догради на пример Штипската клиничка болница во која се лекува целиот источен регион од Македонија во која во овие 5 години власт на СДСМ не е ставено ниту еден клинец?!“
-Власта се вади на кризата само кога треба да ги правда економските неуспеси, а кога се работи за трошење, се однесуваат како да сме најбогата земја на светот.
Токму во време на огромна инфлација и растечка сиромаштија, власта на СДСМ и ДУИ троши за крајно непродуктивни трошоци. Тие за 5 месеци потрошиле 2 милиони евра за луксузи, за кафиња, фстаци, златен прибор, мебел, перење на службени возила, подароци, цвеќиња, жардињери, хотелски услуги и слично. Дополнително во време кога граѓаните остануваа без работни места, тие потрошиле 2,5 милиони евра само за набавка на службени возила, стои во соопштението на најголемата опозициска партија.