Цената на нафтата од утрово нагло расте. Вредноста на барелот на лондонскиот пазар утринава скокна на 118 долари, додека на американскиот пазар е 114 долари за барел. Тоа е раст од околу 10 проценти во однос на вчерашниот ден.
Пред десетина дена цените на нафтените деривати паѓаа и достигнаа ниво под 100 долари. Претходно, барел вредеше 130 долари, но оваа максимална вредност траеше еден ден.
Информациите дека оваа недела ќе следат серија самити меѓу владите на Европската унија и американскиот претседател Џо Бајден со цел да се зајакне одговорот на Западот кон Москва за нападот врз Украина, а ЕУ размислува дали да воведе забрана за увоз на нафта од Русија, допринесоа за растот на цените.
„Цената на нафтата може да порасне до 300 долари за барел во случај на забрана за испораки од Русија, што е неверојатно сценарио“, изјави вчера рускиот вицепремиер Александар Новак.
„Во случај на одбивање на нашите испораки, велам дека цената на нафтата ќе биде 300 долари за барел, додека некои велат 500 долари“ – изјави Новак, пренесува ТАСС.