Поранешниот сопственик на ФК Вардар и почесен конзул на Русија во Битола, бизнисменот Сергеј Самсоненко денеска сведочеше во Кривичниот суд, за предметот „Плацеви на Водно”.
Тој тврди дека преку неговата фирма „Лајв кер центар“ законски го купил земјиштето од околу 10 000 квадрати на Водно од бизнисменот Орце Камчев.
-Камчев ми го предложи овој плац, се договоривме 2017 или 2018 година. Го платив 110 милиони денари. Уште нема пат, има блокада, ги трпам штетите од блокадата. Не можам да го продадам, ниту да го дадам под закуп, изјави Самсоненко, кој беше сослушан по предлог на обвинетиот Камчев.
Според неговото сведочење, бизнисменот сега е во загуба бидејќи со тие пари што го купил, како што вели, „можам комотно да живеам 15-20 години во пензија“.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.