Надвор од Русија, меѓународно почитуваната гувернерка на руската централна банка, Елвира Набиулина, се обидела да поднесе оставка откако Владимир Путин наредил инвазија на Украина, но рускиот претседател и рекол да остане, тврдат четири лица запознаени со ситуацијата, објави Блумберг.
Номинирана за нов петгодишен мандат минатата недела, 58-годишната Набиулина сега е оставена да се справи со последиците од војната што веднаш го поништи поголемиот дел од она што го постигна во деветте години откако ја презеде функцијата.
Познавачите на ситуацијата велат дека нејзиното заминување од Путин во овој момент, со кој таа тесно соработува речиси две децении, тој би го доживеал како предавство, пренесува Блумберг. Набиулина не го коментираше јавно нејзиното повторно назначување, ниту пак одговори на прашањата на Блумберг. Портпаролите на централната банка и на Кремљ, исто така, не одговорија на барањата за коментар, се вели во текстот.
Досега, само еден висок функционер поднесе оставка поради војната во Украина – долгогодишниот економски реформатор Анатолиј Чубаис се повлече од функцијата пратеник на Путин за климата оваа недела и ја напушти земјата, велат запознаени лица со ситуацијата.
Набиулина, фаворизирана од инвеститорите и сметана од различни економски публикации, вклучително и „Euromoney“ и „The Banker“, како една од најдобрите светски креатори на монетарна политика, сега се соочува со воена економија изолирана од меѓународните санкции и бара инвестиции додека странските компании ја напуштаат земјата.
Како што руската рубља падна откако САД и сојузниците воведоа обемни санкции, вклучително и на самата руска централна банка по инвазијата на 24 февруари, таа повеќе од двојно ја зголеми основната каматна стапка и воведе контрола на капиталот за да го запре одливот на готовина. Централната банка соопшти дека се откажала од одбранбените интервенции во рубљата откако меѓународните ограничувања замрзнаа повеќе од половина од нејзините резерви од 643 милијарди долари.