Голем број западни земји ги негираат фактите, прикриваат имиња, книги и луѓе кои не се вклопуваат во нивните шаблони, а во Холивуд се откажуваат филмови со победи на Црвената армија, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
„Доволно е да се спомене дека постои феномен наречен култура на откажување. Со други зборови, има бојкот, па дури и целосен молк, заборавање на факти, книги, имиња, историски, јавни личности, писатели“, рече рускиот претседател, а пренесува агенцијата РИА Новости.
„Во Холивуд, на пример, постојано се објавуваат филмови во кои САД се нарекуваат единствениот победник над нацистите. Во исто време се заборава храброста и херојството на победата на Црвената армија, која даде одлучувачки придонес“, истакна Путин.
Тој нагласи дека според истиот принцип, ѝ се случило и на писателката Џ.К. Роулинг.
„Не така одамна, писателката за деца Џ.К. Роулинг е забранета. Таа е автор на книги кои се продадени во стотици милиони примероци ширум светот, но љубителите на таканаречените родови слободи не ја сакаа“, рече Путин.
Тој додаде дека и денеска се обидуваат да ја укинат „милениумската држава“ и народот.
Претседателот на Русија, исто така, нагласи дека на Денот на сеќавање на жртвите од атомското бомбардирање на Јапонија, „или оние што ја фрлиле бомбата или срамно молчат, или се наведува дека „некои апстрактни сојузници го направиле тоа“.